Првото основно јавно обвинителство во Белград одлучи да не поведе кривична постапка против Душко Тошиќ, во врска со инцидентот од 7 јануари. Обвинителството таа одлука ја донело имајќи го предвид добиеното мислење од Градскиот центар за социјална работа, како и изјавата на Јелена Карлеуша, соопшти Обвинителството.
Да потсетиме, српската пејачка денеска во Првото основно обвинителство изјавила дека не сака кривично да го гони својот сопруг, фудбалерот Тошиќ, откако го пријави за насилството што наводно се случило на Божиќ во нивниот семеен дом.
Јелена не била баш расположена за разговор со претставниците на медиумите, па само поминала покрај насобраните фоторепортери.
Да потсетиме, балканските медиуми на 7 јануари пишуваа дека Карлеуша го пријавила сопругот за семејно насилство. Како што тогаш пренесоа српските медиуми, таа наводно го обвинила Тошиќ дека за време на семејниот ручек ѝ удрил шлаканица.
Фудбалерот, пак, негираше дека бил насилен.
– Почитувани следбеници, пријатели и членови на медиумите. Обично не сакам да се обраќам во ваква прилика бидејќи сметам дека моето име, лик и дело треба да бидат поврзани исклучиво со спортската приказна и добрите хуманитарни дела. Го следев она што го објавуваат повеќето медиуми и затоа сум принуден да се обратам на овој начин – напиша Тошиќ на Инстаграм неколку дена по инцидентот, жалејќи се дека е претставен како насилник, но во ниеден миг не ја спомна својата сопруга.
Според очевидци пред Првиот основен суд, Јелена на рочиштето се задржала кратко, околу 15 минути, а дошла заедно со нејзиниот менаџер Зоран Бирташевиќ.