Неколку популарни руски инфлуенсерки се снимиле како уништуваат скапи чанти, а тоа го направиле затоа што веруваат дека нивниот производител „Шанел“ промовира русофобија.
„Ако ‘Шанел’ не ги почитува своите клиенти, зошто ние мора да го почитуваме ‘Шанел’“?
Тоа го кажа Русинката Викторија Боња во видео на „Инстаграм“ пред да земе индустриски ножици и да ја преполови црната чанта од „Шанел“. „Па-па“, порача таа пред нејзините 9,3 милиони следбеници на платформата откако ја фрли торбата настрана.
Боња е само една од неколкуте руски инфлуенсерки кои се снимени како уништуваат чанти од „Шанел“ во знак на протест поради забраната за купување стока од францускиот луксузен бренд.
Откако ги затвори своите продавници во Русија, „Шанел“ престана да ги продава своите производи на луѓе кои имаат намера да ги однесат во Русија, што руските купувачи го сфатија како русофобија.
ТВ-водителката и актерка Марина Ермошкина, која има 299.000 следбеници на „Инстаграм“, во средата исече темносива чанта со градинарски ножици и се сними додека го прави тоа.
„Ниту чанта, ниту една друга работа не вреди колку љубовта за мојата татковина. Не вреди колку мојата самопочит. Јас сум против русофобијата, јас сум против бренд кој ја поддржува русофобијата. ‘Шанел’ е само додаток кој во одреден момент реши да понижува луѓе, мои сонародници, одлучи да ги дискриминира луѓето врз основа на националност, што јас нема да го толерирам“, рече таа.
„Најважни се принципите. Не е важно што е во вашите раце, туку она што е во вас“, додаде таа.
Во изјава испратена до „Инсајдер“ во вторникот, портпаролот на „Шанел“ посочил дека брендот е усогласен со сите закони кои се применуваат во бизнисот, вклучувајќи ги и трговските санкции.
„Затоа инициравме процес да бараме клиентите за кои не го знаеме главното живеалиште да потврдат дека производите што ги купуваат нема да се користат во Русија“, рече тој.
„Свесни сме дека ова предизвика разочарување кај некои од нашите клиенти. Во моментот работиме на подобрување на овој пристап и се извинуваме за сите недоразбирања што можеби настанаа, бидејќи ги почитуваме сите наши клиенти, без разлика од каде доаѓаат. Ова е приоритет за ‘Шанел’“, заклучува тој.