Собранието вечерва ги избра четирите нови министри во Владата – Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање.
Азир Алиу е новиот министер за информатичко општество и администрација. Тој е роден во Гостивар во 1976 година. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, каде се стекнува со магистратура, по што и со докторат по информатички науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ. Зборува македонски, албански и англиски јазик.
Во неговата биографија се наведени и ангажмани како проектен менаџер, научно истражувачка работа и објава на научни трудови и книги.
Кренар Лога е новиот министер за правда. Роден е во Струга 1984 година. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што се стекнува со магистратура по дипломатија. Има положено и правосуден испит. Освен албанскиот мајчин јазик, тој зборува и македонски, англиски и италијански јазик.
Работел како раководител на Сектор за управување со човечки ресурси во Државното правобранителство на Република Северна Македонија. Тој бил и секретар на Општина Струга и шеф на кабинетот во оваа општина. Работел и како раководител на Сектор за правни прашања и општи работи во Општина Струга. Бил и советник за правни работи во Општина Тетово. Од 2020 до 2021 година бил и извршен директор на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.
Фатмир Меџити е новиот министер за здравство кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците. Тој по професија е специјалист-невролог во ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, каде што работи од 2011 година.
Во својата биографија како работно искуство навел и дека бил член и претседател на Управен одбор – Фонд за здравствено осигурување на Македонија (2017-2018); советник на министерот за здравство (2017).
Каја Шукова е новата министерка за животна средина и просторно планирање. Родена е во Скопје на 1 јануари 1970 година. Дипломирала на Технолошко-металрушкиот факултет во Скопје во 1995 година.
Активно го познава англискиот јазик, а пасивно германскиот. Има клучни квалификации во управување и планирање на животната средина, а учествувала и во подготовка на законски акти во областа на животна средина и нивна хармонизација со барањата на Европската унија, како и во процесот на скрининг и преговори со ЕУ. Била член на повеќе работни групи.