Во ајкула се пронајдени посмртните останки на маж од Аргентина кој исчезна на почетокот на месецов.
Диего Бариа (32), татко на три деца, последен пат бил виден на 18 февруари како го вози својот теренец во близина на брегот во јужната аргентинска провинција Чубут. Двајца рибари пријавиле дека уловиле три ајкули во близина на местото каде што било пронајдено возилото на Диего во неделата наутро, пишува „Скај њуз“.
Рибарите рекле дека пронашле човечки остатоци во една од ајкулите додека ги чистеле. Семејството на Диего го идентификуваше со помош на „тетоважа која се наоѓала на дел од останките“, изјави Даниела Милатрус, полицаец вклучена во потрагата.
Таа додаде дека ќе се направи ДНК тест за да се потврди неговиот идентитет. Иако не е јасно што точно се случило, истрагата продолжува. Возилото на Диего било пронајдено на плажа два дена по неговото исчезнување.
„ Претпоставуваме дека Диего имал сообраќајна несреќа и истражуваме дали е вмешано возилото“ додала полицајката.
Кристијан Ансалдо, кој раководи со полицискиот оддел во градот Комодоро Ривадавија, изјави дека ајкулата била долга околу 1,5 метар и дека најверојатно Бариа „доживеал несреќа и бил одвлечен“.
Тој рече дека бил силен бран во текот на викендот кога Бариа исчезнал.