Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес во Брисел учествуваше на билатералниот состанок од Кластер 2, „Внатрешен пазар”, поточно на состанокот од Поглавје 28 „Заштитата на потрошувачите и јавно здравје”.
Во својот говор пред претставниците на Европската Унија (ЕУ) вицепремиерот Битиќи нагласи дека здравствената заштита и заштитата на потрошувачите претставуваат мултислојна област со огромна важност за секојдневниот живот на граѓаните и дека светскиот пазар би бил нефункционален ако потрошувачите не се соодветно заштитени од националните и меѓународните институции.
„Кога сум пред компјутер или кога го земам телефонот за да нарачам нешто од он-лајн продавниците, секогаш имам на ум дека има регулациони тела за сите регистрирани он-лајн продавачи и дека моите права на потрошувач се, и ќе бидат заштитени ако се случи некој проблем или измама за време на мојата нарачка”, истакна Битиќи.
Вицепремиерот пред претставниците на Европската комисија се осврна и на здравјето на граѓанинот, за кое рече дека го претставува основниот столб за економскиот развој на едно општество и токму ова стои во Поглавјето 28, за кое се дискутира деновиве и е нотиран во најновиот Извештај на Европската комисија и другите релевантни институции за Северна Македонија во областа на правата на потрошувачите и здравствената заштита.
„Ќе направиме усогласување на целото домашно законодавство со законите на ЕУ во делот на заштита на потрошувачите, со посебен акцент на зголемувањето на капацитетите на нашите оперативни структури кои управуваат и вршат инспекција. Ќе вложиме многу повеќе напори во детална контрола на тутунот, ефикасно да ги спроведеме сите релевантни закони на ЕУ и конечно да го усвоиме и ратификуваме протоколот за елиминирање на недозволена трговија со производи од тутун. Ќе обезбедиме доволно финансиска поддршка за здравствените институции кои работат на специјализирано знаење за рано откривање на канцерот и ретките болести, базирајќи се на податоците од регистрите”, рече Битиќи.
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на крајот на своето обраќање ја искажа посветеноста на Северна Македонија на усвојување на новиот Закон за заштита на потрошувачите, и паралелно ќе се работи и на надминување на проблемите поврзани со безбедноста преку дефинирање на јасна постапка за жалбите на потрошувачите, за телото кое ќе одлучува и методологијата за компензација за секое кршење на законот од страна на продавачите.
Работната група за ова поглавје ја предводи главниот преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ и нејзе ја сочинуваат претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, Народна банка на Република Северна Македонија, Комисија за хартии од вредност, Централен регистар, Агенцијата за супервизија на осигурување, Управа за финансиско разузнавање, Министерство за внатрешни работи, Финансиска полиција и Државна комисија за спречување на корупцијата.
Вицепремиерот Битиќи и неговиот Кабинет, како што е предвидено во нашата преговарачка структура, се назначени за координатори на целиот Кластер 2, покрај координацијата на Секретаријатот за европски прашања како институција назначена за координација на национално ниво.
Во петок ќе се одржи билатералниот состанок за Поглавје 2 „Слобода на движење на работници”.