Ердоган најави избори во мај

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска најави дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржат на 14 мај.

Притоа, тој го потврди претходниот план за одржување на гласањето околу три месеци по разорниот земјотрес што уби повеќе од 45.000 луѓе во таа земја.

Тој изрази надеж дека „нацијата ќе ја направи вистинската работа“ пред пратениците на владејачката АК партија во парламентот, очигледно алудирајќи на изборите, кои се сметаат за негов најголем политички предизвик, пренесува „Ројтерс“.

Ердоган, со цел да го продолжи своето владеење на трета деценија, претходно рече дека го преместува гласањето за мај за да ги избегне јунските празници.

Од друга страна, изразени се сомневања во способноста на изборните органи да создадат логистика за гласање во зоната погодена од земјотресот, каде живеат околу 14 милиони луѓе.

По минатомесечниот земјотрес, имаше спротивставени сигнали за веројатниот тајминг на претседателските и парламентарните избори, при што некои сугерираат дека тие би можеле да бидат одложени до крајот на годината или да се одржат како што е планирано на 18 јуни.

Пред земјотресот, популарноста на Ердоган беше нарушена во последниве години поради зголемената инфлација и падот на лирата, што го погоди животниот стандард, иако некои анкети во последните месеци покажаа знаци на зголемување на неговата популарност.

Ердоган се соочи со бран критики поради начинот на кој неговата влада се справува со најсмртоносниот земјотрес во модерната историја на нацијата.

Треба да знаете
Последни објави