Фудбалерите на Манчестер јунајтед со пресврт дојдоа до победа од 3:1 над Вест Хем и пласман во четвртфиналето во ФА Купот.
Првото полувреме беше мирно, немаше голови, но затоа во второто паднаа четири гола.
Домашните навивачи на „Олд трафорд“ доживеаја шок кога во 54-та минута Бенрама го отвори резултатот. Црвените ѓаволи веднаш тргнаа на сè или ништо и успеаја да постигнат гол преку Каземиро во 72-та минута, кој беше поништен поради офсајд.
Но, пет минути подоцна, повторно се затресе мрежата на Чеканите и овој пат беше признат голот, Агуар си ја затресе сопствената мрежа.
Јунајтед победата ја обезбеди во последните моменти од мечот, прво во 90-та минута, Гарначо погоди за 2:1, а победата ја завери Фред со голот во 95-та минута и си закажаа четвртфинална пресметка со Фулам.
Големо изненадување приредија фудбалерите на Шефилд јунајтед кои успеаја да го елиминираат Тотенхем.
На „Брамал Лејн“, Шефилд со голот на Ндаје во 79-та минута, успеа да приреди големо изненадување и да го елиминира Тотенхем, кој очигледно се фокусира на Премиер лигата каде треба да го „брани“ четвртото место на табелата од Њукасл и Ливерпул.
Уште едно изненадување претставува елиминацијата на Саутемптон од нисколигашот Гримсби. Светците кои играат очајно во Премиер лигата, загубија на домашен терен со 1:2 од Гримсби, а Барнли со 1:0 славеше над Флитвуд.