Фудбалската репрезентација на Македонија одигра реми во пријателскиот натпревар против Финска со 1-1 (0-1). Пресметката на Националната арена „Тодор Проески“ беше слична како и на многу претходни, Македонија имаше топка, диктираше темпо и правеше шанси, меѓутоа реализацијата одново затаи. Финците во финишот на полувремето поведоа преку Антман, но до крајот не успеаја да го одбранат водството бидејќи Барди од пенал донесе нерешен исход.
Селекторот Благоја Милевски се реши за конкурентен состав од првата минута, а единствено изненадување беше оставањето на клупата на Бојан Миовски. Неговото место во нападот го зазеде повратникот во репрезентацијата Илија Несторовски, кому помош му беше Ељиф Елмас. На голот стандардно застана Димитриевски, тројка во одбраната беа Серафимов, Муслиу и Бејтулаи, додека по страните делуваа Стефан Ристовски и Алиоски. На средината местата ги пополнија Спировски, Николов и Барди.
Натпреварот тргна со навистина низок интензитет на игра, Македонија повеќе ја држеше топката и беше на противничката половина, меѓутоа не креираше опасни шанси. Првата закана за Македонија ја имаше Несторовски во 15. минута. По центаршут и лоша дефанзивна реакција, асот на Удинезе биеше од пеналтикот, а голманот Јоронен одлично одбрани. На спротивната страна шанса имаа и Финците. Мешаница пред нашиот гол доведе до удар на Сухонен од преку 20 метри, па топката заврши во стативата на Столе Димитриевски. Македонија пак ја презеде иницијативата, како што одминуваше времето нападите беа сè поопасни и ривалот беше приморан повеќе да се брани. Финска се определи на контра напади и по една таква ситуација Лод имаше добра можност која не ја искористи.
Резултатот беше отворен во 37. минута, по една кардинална грешка на Стефан Спировски. Играчот за врска даде лоша топка која Финците ја пресекоа и во три потези креираа убиствена контра. Похјанпало низ одбраната го проигра Оливер Антнам кој излета сам пред голот на Димитриевски и пласира во мрежата за 0-1. До крајот на полувремето следеше вистинска доминација на Македонија. Елмас беше најрасположен, додека Несторовски имаше уште една шанса која му ја одбрани голманот, а имаше и неколку опасни центаршутеви кои гостите ги скротија.
Милевски реагираше веднаш на паузата, во игра ги уфрли Бојан Миовски и Љупче Дориев, наместо далеку подефанзивните Бејтулаи и Спировски. Македонија тргна исто како на крајот на првиот дел, првите две закани ги имаше Енис Барди од слободен и со удар откосо, меѓутоа Јоронен одбрани. На спротивната страна гостите се закануваа преку контри, а по речиси еден час игра следеа измени. Етеми, Атанасов и Велковски ги заменија Николов, Несторовски и Муслиу, со цел да се промени натпреварот. Финците се закануваа само од контри, а во такви ситуации имаа два зицери, едниот го одбрани Димитриевски, а вториот заврши крај голот. Течеше 75. минута кога Алиоски проби по десната страна влезе во шеснаесетникот и изнуди пенал. Сигурен од 11 метри беше Енис Барди, кој израмни на 1-1 во пресрет на завршницата. Бргу по постигнатиот гол Македонија имаше уште една шанса преку Алиоски.
До крајот на натпреварот темпото на игра како да опадна, Милевски го замени Елмас со Агон Елези и вистинските шанси изостанаа. Македонија веќе в недела ја очекува уште еден пријателски меч против селекцијата на Азербејџан, исто така во Скопје.