Уште од првите церемонии на доделувањето на Оскарите се зборува за кражба на престижните статуетки. Некои едноставно исчезнале веднаш по доделувањето, додека други се украдени од домовите на актерите.
Ноќта помеѓу недела и понеделник (27-28 март) на МРТВ ќе се емитуваат Оскарите.
Во пресрет на церемонијата, која ја следат милиони луѓе ширум планетата, се потсетуваме на инцидентите во кои Оскарите беа изгубени, украдени или едноставно исчезнаа.
Во 2021 година, добитникот на Оскар за неговата улога во „Бизнис клуб Далас“ во 2013 година, Џаред Лето, откри дека „не ја видел својата награда три години“ и оти нема поим каде завршила.
„Сите го баравме, веројатно некој ми го украл Оскарот. Сепак, тоа не е нешто што случајно го фрлате во ѓубре“, рекол актерот.
Нешто повеќе од една деценија по освојувањето на Оскар за најдобра споредна женска улога во филмот „Дух“, Вупи Голдберг ја испрати својата статуетка назад во Академијата за полирање. Наградата безбедно пристигна во Лос Анџелес од Њујорк, но пакетот Академијата го испрати на чистење во Чикаго. Таму пристигнал празен.
Неколку дена подоцна, Оскарот се појавил во корпа за отпадоци во близина на аеродромот во Калифорнија и и бил вратен на актерката. Никогаш не е докажано што точно се случило.
„Оскарот никогаш повеќе нема да ја напушти мојата куќа“, рече Голдберг во 2002 година.
Хети МекДаниел е првата Афроамериканка која доби Оскар за споредна улога во филмот „Однесено од виорот“ – наградата во тестамент му ја остави на Универзитетот Хауард, од каде статуетката на крајот исчезна.
Се шпекулираше дека Оскарот бил фрлен во реката за време на протестот за граѓански права на универзитетот, но сепак, мистеријата за исчезнувањето на златната статуетка останува нерешена.
Легендарната актерка Вивиен Ли беше спречена лично да го добие својот Оскар во 1952 година за снимањето на „Трамвајот наречен желба“, па беше планирано да го добие признанието на мала церемонија неколку месеци подоцна во близина на нејзиниот дом во Лондон.
Меѓутоа, зградата каде што била планирало доделувањето на наградата била цел на крадци, па избегале со облека, сребрени садови и нејзиниот Оскар. Оригиналната награда на Вивиен Ли никогаш не беше вратена, но Академијата и даде заменска во следните недели.
Оскарот што Мет Дејмон го доби во 1998 година за сценариото за „Добриот Вил Хантинг“ го красел неговиот стан во Њујорк до поплавите. Актерот изјавил дека статуетката најверојатно ја украл некој кој бил во групата луѓе кои се занимавале со реставрација на станот.