ЕУ и Германија преговараат за постепено укинување на моторите со внатрешно согорување

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен рече дека Европската унија и Германија се вклучени во „конструктивен дијалог“ за постепено укинување на моторите со внатрешно согорување во Европската унија до 2035 година.

По неколкумесечни преговори, конечното гласање беше планирано за следната седмица, но беше одложено во петокот по противењето на германската автомобилска индустрија.

Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг изјави дека Берлин во овој момент не може да се согласи на таква целосна забрана за мотори со внатрешно согорување. Додаде дека Европската комисија мора да претстави предлог за тоа како климатско неутралните, синтетички горива, познати како е-горива, може да се користат во моторите со внатрешно согорување по 2035 година.

Фон дер Лејен, од своја страна, рече дека во принцип постои отвореност за нови автомобилски технологии, „но дека таа исто така треба да биде избалансирана со нашите цели на климатската политика“.

Висинг е член на либералните демократи FPD, партија блиска до бизнис секторот, која е најмалата од трите партии кои ја сочинуваат германската коалиција заедно со социјалдемократите и партијата на зелените.

Синтетичките горива за кои е заинтересиран Висинг се произведуваат со комбинирање на водород со јаглерод диоксид што може да се добие од атмосферата. Таквите горива се сметаат за климатски неутрални доколку енергијата за нивно производство и нивните компоненти може да се добие од обновливи извори.

Критичарите веруваат дека синтетичките горива треба да се користат само за неизбежни воздушни и поморски патувања, додека нивното користење во голем број возила само би било губење зелена енергија.

Плановите за 100 отсто намалување на емисиите на CO2 од новите комбиња и автомобили што ги штедат климата, што значи де факто забрана за продажба, се дел од поголемиот пакет за справување со климатските промени.

ЕУ сака да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990-те и да постигне климатска неутралност до 2050 година.

За усвојување на документот, потребна е поддршка од 15 од 27-те земји членки на ЕУ со најмалку 65 отсто од вкупното население. На актуелниот предлог се противат Италија, Полска и Бугарија, така што без гласот на Германија, предлогот не може да помине.

Треба да знаете
Последни објави