Интензивно се работи на седум проекти во Куманово со буџети над 80 милиони денари наменети за подобар живот на кумановци, заклучи министерот за локална самоуправа Ристо Пенов од денешната средба со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Пенов и Димитриевски денеска ги потпишаа договорите за проектите преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, чија цел е одржлив туризам и подобрување на конкурентноста на туристичката понуда на регионот.
Проектите „Соработка во визуелните уметности за промоција на културниот идентитет на регионот“ и „Подобрување на туристичкиот потенцијал во Ќустендил и Куманово преку модерна визија за регионите“ се спроведуваат од Фондацијата за култура и спорт Куманово и Општина Куманово.
-Прекуграничните проекти се важни за нас затоа што се инвестира во туризмот како сегмент кој ни е потребен, така што за овие два проекта вкупната вредност од македонската страна е над 160 илјади евра. Заедно, во двете држави, во двата програмски периоди се реализирани 178 проекти во вкупна вредност од скоро 40 милиони евра, или по 20 милиони за секој програмски период. Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е во најнапредна фаза. Отпочнат е и третиот програмски период во кој на располагање се околу 30 милиони евра, рече министерот.
Во овие проекти, во кои покрај македонската Влада финансиско учество имаат владата на Швајцарија и ЕУ, Територијалната противпожарна единица во Куманово ќе добие нова противпожарна опрема, која ги покрива општините Ранковце, Липково и Старо Нагоричане, а се проектира и систем за рано известување со цел да се спречи ширење на пожарите и предизвикување штети од поголеми размери.
-Според анализите, изминативе пет години се извршени 1711 интервенции на отворен простор во коишто се опожарени 3518 хектари земјоделско земјиште и 736 хектари шума, со што е направена штета од околу 6.500.000 евра. Противпожарните служби се првите коишто интервенираат во случај на било каква непогода. Тоа се луѓето коишто спасуваат човечки животи и затоа нивните животи треба да бидат сигурни, искрено се надевам дека со набавката на нова опрема ќе ги заштитиме нивните животи и ќе овозможиме поефикасно да си ја вршат работата, потенцираше Пенов.
Тој додаде дека вкупната вредност на овој проектот е 21,6 милиони денари, од коишто 12 милиони денари се средства од Министерството за локална самоуправа, a останатите се од швајцарската влада. Како што посочи Пенов, со Бирото за регионален развој во тек е набавка и поставување на 49 полуподземни контејнери за смет адаптирани за лица со посебни потреби, три повеќенаменски градежни машини за брзи интервенции за општините и јавните претпријатија, докомплетирање на туристичките содржини на постоечкиот „Инфоцентар Бислимска Клисура“, како и внатрешно уредување на спортската сала во Куманово. Сите овие проекти се во износ од над 54 милиони денари.
Тој додаде дека за третиот програмски период преку ИПА прекуграничната програма набрзо ќе биде објавен јавен повик кој ќе биде нова можност за општините, за институциите и за граѓанските организации да аплицираат со нови проекти.
-Средствата од ЕУ се исто така пари на даночни обврзници и очекувам да покажеме капацитет за одговорно и отчетно управување со јавните финансии, согласно правилата на ЕУ. Овие програми пред сè имаат цел да ги научат одговорните институции и оние што аплицираат како се спроведуваат проекти и како се реализираат јавните финансии на транспарентен и отчетен начин. Општините можат да се реализираат проекти коишто ќе бидат корисни за граѓаните, ќе решаваат проблеми без притоа да се потроши и еден денар од општинскиот буџет. Токму затоа Министерството за локална самоуправа го покрива националното кофинансирање од 15 отсто, што е услов да се користат средства од ИПА инструментот. Тука сме да им помогнеме на апликантите и да ги стимулираме да подготвуваат проекти со што директно влијаеме за поголема апсорпција на средствата од ЕУ и за градење на нашите капацитети што исто така е многу важно во процесот на интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија, заклучи министерот Пенов.