Трагедијата со возот што ги чинеше животите на најмалку 57 луѓе – главно млади и студенти – најверојатно ќе ги промени плановите на грчката владејачка партија Нова демократија за следните избори закажани за 9 април.
Во меѓувреме, млади луѓе протестираа во грчките градови повикувајќи на правда за случајот под слоганот „пишете ми кога ќе пристигнете“, додека полицијата беше критикувана дека употребила солзавец против нив.
Грчките медиуми известуват дека трагедијата ќе има огромни политички последици за конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис и планираниот датум за избори на 9 април, бидејќи ќе се совпадне со 40-дневната комеморација на жртвите.
Поради ова не е исклучено владата да ги презакаже изборите но како и да е тие ќе треба да се одржат најдоцна до јули.
Нова демократија досега водеше во сите анкети но, сега се очекува драстичен пад на нивниот рејтинг.
По жестоките критики за првата изјава на Мицотакис во која причините за трагедијата се припишува „главно на човечка грешка“, Мицотакис викендов се извини со порака на Фејсбук.
„Се извинувам лично, но и во името на сите оние кои со години управуваат со земјата затоа што, навистина, во Грција во 2023 година е невозможно два воза да се движат во спротивни насоки на иста линија, а никој тоа да не го забележал“. , напиша грчкиот премиер.
Тој, исто така, вети дека наскоро ќе ги претстави новите безбедносни мерки на железницата и ќе побара средства од ЕУ за модернизација на железничкиот систем во земјата.
„Неговото извинување доцни пет дена“, се вели во соопштението на главната опозициска партија), додавајќи дека дури и во овој трагичен момент, премиерот се обидел да ги отфрли своите одговорности кон претходните влади.
Во меѓувреме, управникот на станицата, кој наводно ја направил грешката што довела до најсмртоносната железничка несреќа, беше обвинет и приведен во неделата.
На 59-годишниот маж му се заканува кривична пријава за нарушување на безбедноста во сообраќајот за која се предвидува казна до доживотен затвор.
Сепак, партијата Сириза откри документи во кои се тврди дека службеникот бил незаконски ангажиран на оваа позиција.
Документите сугерираат дека старосната граница за неговото работно место била 48 години, а тој бил над таа возраст кога бил ангажиран.
Извор: НОВА