Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска ќе учествува на форумот „Стратешки економски разговори”, кој се одржува во Савудрија, Истра.
Форумот е во организација на Бизнис развојната мрежа за Југоисточна Европа (SEEBDN – South East Europe Business Development Network) и ТПА групација (TPA Group) од Австрија.
Вицепремиерот Битиќи ќе учествува на интерактивната сесија „Економските стратегии на Република Северна Македонија во пост-пандемскиот период и напредокот на преговарачкиот процес за членството во ЕУ”, на која ќе дебатира со Кармен Јеитлер Синчели, член на Националниот совет (долен дом) на Парламентот на Австрија и заменик генерален секретар на Австриската бизнис асоцијација.