Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари проштална средба со Постојаниот претставник на УНДП во Република Северна Македонија, Нарине Сахакијан.
,,Дефинирањето на стратешките приоритети, тековните активности во постигнувањето на Агендата 2030, поддршка на земјата за пристапување во ЕУ, како и имплементација на постојните проекти немаше да биде можна без севкупната соработка со Канцеларијата на УНДП и целиот тим”, истакна Османи. Османи изрази благодарност и за личниот ангажман на Сахакијан за повеќе иницијативи од делот на: економијата, социјалната инклузија, родовата еднаквост, јакнењето на институциите, животната средина, климатските промени како и за напорите за справување со COVID-19–пандемијата.
Постојаниот претставник на УНДП, Сахакијан истакна задоволство од досегашната соработка со институциите на Северна Македонија, посебно со Министерството за надворешни работи, и изрази уверување дека соработката и натаму ќе се продлабочува со нејзиниот наследник, а со цел реализација на Целите за одржлив развој и имплементација на програмските документи за земјата во периодот 2021-2025 година.