Истражување: Две третини од девојките се соочуваат со сексуално вознемирување на социјалните мрежи

Многу млади девојки преку социјалните мрежи на интернет добиваат пораки што претставуваат сексуално вознемирување, а за тоа тие повеќе се доверуваат на семејството отколку на институциите. Ова го покажува истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми” спроведено од Центарот за еднакви можности „Бубамара” од Тетово, кои го пренесуваат и искуството на младите лица од женски пол во полошкиот регион.

Биле анкетирани 208 девојки на возраст од 18 до 25 години, кои одговориле на анкетата по електронски пат. Од Тетово се 150 девојки, 51 од Гостивар и останатите од другите места, при што 45,1 проценти се од рурални, а 54,8 проценти се од урбани средини.

Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара” велат дека жртвите на сексуално вознемирување главно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив, овие дејства имаат последици што кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.

– Од анкетираните девојки 65,8 проценти примиле пораки од момчиња или мажи кои содржеле разни форми на сексуално вознемирување, говор на омраза, закани и навреди, 32,2 проценти од нив не примиле такви содржини на социјалните мрежи, 1,9 процент се одлучиле да не одговорат. Анкетата имаше цел да открие колку овие возрасни девојки, кои сè уште се во раните дваесетти години, се жртви на сексуално вознемирување и, воедно, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа, велат од „Бубамара”.

Според истражувањето, семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат ваквите вознемирувања во случаите кога се решаваат да пријават. Поголем дел од нив (29,3 проценти) претпочитаат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25 проценти). Голем број девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21,6 процент). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0,9 проценти) или на невладините организации (1,4 процент) за да пријават вознемирување.

Понатаму во истражувањето се вели дека во реалноста, голем дел од анкетираните девојки кои примиле такви пораки, ги игнорирале. Вкупно 89 девојки или 42,7 проценти ги игнорирале ваквите пораки. Деведесет и седум девојки или 46,6 проценти ги пријавуваат со тоа што реагираат или ги објавуваат на социјалните мрежи кои ги користат. Од девојките 3,8 проценти за овие пораки се обратиле до полицијата, додека 2,4 проценти од девојките рекле дека одбрале лично да се соочат со вршителот на делото.

– Последиците се главно психолошки и жртвата често е сама и претпочита да не го сподели искуството со некој друг. Фактот што некои од сексуално малтретираните девојки на социјалните мрежи не сакаат да го споделат своето искуство ниту со својот партнер, велејќи дека голема е веројатноста да дојде до некакво недоразбирање, покажува дека момчињата и мажите се многу малку информирани за размерите на овој реален проблем. Игнорирањето подразбира одобрување и охрабрување за сторителот, насилникот и престапникот за тој да ја прошири својата мрежа на малтретирање и да го храни тоа чувство на надмоќност врз своите жртви. Повторната виктимизација на жртвата на сексуално вознемирување од околината додава уште една по нераскинлива алка во синџирот на сексуално вознемирување, како злосторство кое го олеснија и „релативизираа” социјалните мрежи поради природата на нивните платформи, неможноста за целосна контрола и начелата на слободата на изразување, велат од „Бубамара”.

 

Девојките во анкетата ги опишале и нивните искуства давајќи описи на она што е направено од страна на машки лица и како го доживеале сексуалното вознемирување.

– Би рекла дека сексуалното вознемирување на социјаните мрежи е потешко од тоа што се прави лично физички, затоа што сексуалното вознемирување на социјалните мрежи предизвикува психички проблеми, почнувајќи од пораките што доаѓаат од луѓе од категоријата кои постојано пишуваат и бараат разни работи, што потоа се употребуваат за уцени и закани, а подоцна и за други работи. Би рекла дека коментарите се најчудниот елемент и така натаму!, изјавува една од анкетираните девојки.

– Вознемирувачки навреди и коментари, злоупотреба на лични фотографии, непочитување на личниот простор и приватноста, приватни пораки без трошка почит, испраќање интимни фотографии без да се познава тоа лице, бројни пораки со несоодветни зборови, добивала, како што вели друга девојка.

– Сексуалното вознемирување се сфаќа како вршење дејства од сексуална природа што го нарушуваат достоинството на една личност во која било форма, создавајќи заканувачка, непријателска, понижувачка, деградирачка или навредлива средина. Сексуално вознемирување е кога едно лице вознемирува друго лице без да оствари физички контакт за да ги задоволи своите сексуални желби. Обично е опишување на тоа што би му правел на моето тело!, подвлекува девојка која била анкетирана во истражувањето.

Според друга, пак, сексуалното вознемирување на социјалните мрежи е кога некој се обидува постојано да ве контактира со закани и ја нарушува вашата приватност предизвикувајќи ви проблеми со најблиските. Исто така, подвлекува, ве става под психолошки притисок за да се плашите да излезете во јавност.

Девојките кои ги пријавиле ваквите пораки генерално не биле задоволни од резултатот. Од девојките 26,4 проценти сметаат дека ниедна институција или друг ентитет не се покажал ефикасен во решавањето на нивниот проблем, 3,3 проценти се задоволни од ефикасноста на полицијата, додека, пак, 11,1 проценти од нив сметаат дека полицијата реагирала предоцна. Задоволни се 23,08 проценти од резултатот што го постигнале по пријавувањето на социјалните мрежи.

Според информациите на тетовската полиција, на некој начин сексуалното вознемирување преку интернет и социјалните мрежи е евидентирано со пријави за лица согласно кривичното дело „злоупотреба на лични податоци”, казниво по член 149 од Кривичниот законик, каде што стои дека тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Прецизираат дека пријавителите биле сексуално вознемирувани со различни поводи и цели од поранешни љубовни партнери, кои електронски им се заканиле дека лично и фамилијарно ќе ги дискредитираат.

– Значителен број од пријавителите на ваквите злоупотреби, преку креирање лажни профили на различни социјални мрежи, биле вознемирувани на тој начин што сторителите им се заканувале дека ќе објават нивни компромитирачки фотографии или други експлицитни видеоматеријали и ќе им ги испратат на нивните најблиски, доколку не им возвратат љубов или не им платат одредени парични средства, објаснува Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Годинава, заклучно со 22 септември во СВР Тетово се евидентирани вкупно 24 кривични дела „злоупотреба на лични податоци”, во кои биле инволвирани осум сторители, од кои шест во тетовското и две во гостиварското подрачје. Тие биле заокружени со ист број кривични пријави, а има и 17 писмени известувања до Обвинителството. Од нив седум во тетовскиот, а десет во гостиварскиот регион.

Треба да знаете
Последни објави