МИА со награда на Интернационалниот фестивал за репортажа во Хрватска 

На Интернационалниот фестивал за репортери и репортажа во Дарувар, Република Хрватска, МИА ја доби главната награда за најдобра репортажа за хуманост во регионот.

Добитник на наградата е новинарот на МИА Ангела Рајчевска, за серијата написи за станбената мафија и препродажба на еден стан на повеќе лица, која резултираше со судски процес против агентот за продажба на становите во населбарта Расадник во Скопје. Нејзината сторија предизвика реакции на институциите на системот, кои покренувајќи истрага против обвинетото лице спречија измама на десетина граѓани.

Медиумската информативна агенција – МИА од Република Северна Македонија, неодамна обелодени измама во која што агент за недвижности измами повеќе граѓани при купопродажба на станови.

МИА го обелодени случајот и континуирано бараше одговори од пријавата за „Измама”, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот, како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост, па сè до обвинителниот предлог.

Овој случај, по обвинителниот предлог кој следуваше веднаш по сторијата „Потрагата по правда низ призмата на тројца од оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови” во која МИА ги сподели своите сведоштвата на оштетените граѓани преку кои тие алудираа на институционалните недостатоци и проблеми со кои се соочуваат, доби датум за насрочено рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје.

Првото рочиште беше насрочено за 1 јули 2021 година, кое се одложи, бидејќи обвинетиот не се појави на судењето. Потоа, на одложеното рочиште на 1 септември, обвинетиот се појави со ветување дека ќе ги врати парите на оштетените, за веднаш потоа, на следното закажано рочиште да не се појави, по што судот веднаш определи мерка притвор за истиот.

Јавната обвинителка која го застапува овој случај, како и судијката која го води, беа исто така вчудоневидени од медиумскиот притисок и сето тоа ги поттикна да ја овозможат правдата целосно и навремено, како што граѓаните заслужуваат.

Наградата на седмиот меѓународен фестивал Фрамафу во Хрватска, жири комисисјата во конкуренција на над 30 репортажи од регионот, на директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски, му ја врачи претседателот на Хрватското новинарско друштво (ХНК) Хрвоје Зовко.

Директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски изјави дека Ангела Рајческа е една од младите сили на македонското новинарство – упорна, вредна и аналитична.

-Ангела не беше во можност да дојде заради тоа што имаше други обврски, меѓутоа да напоменам дека таа е една од младите сили на македонското новинарство – упорна, вредна и аналитична, и јас се надевам дека е дел од тимот со којшто работиме на реформирање на Македонската медиумска информативна агенција, рече Антоновски по добивањето на наградата.

Ова награда досега ја имаат примено репортажи од Хрватска, Србија, БиХ, а сега и од Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави