Четири гола на „Енфилд“, Ливерпул и Сити ги поделија бодовите

Екипите на Ливерпул и Манчестер Сити го поделија пленот во супер-дербито на седмото коло во Премиер лигата, откако на „Енфилд“ одиграа 2-2 (0-0). Ливерпул два пати поведуваше со головите на Мане и Салах, но Фоден и Де Брујне не дозволија Сити да загуби на тешкото гостување.

Натпреварот тргна со иницијатива на „граѓаните“. Ливерул играше мирно, се бранеше цврсто и не оставаше многу простор. Сепак, прв кој го проби бедемот на домашните беше Фил Фоден. Младиот плејмејкер се проби низ одбраната, излета во зицер позиција, ама Алисон Бекер со неверојатна одбрана го спаси својот гол. До полувремето на теренот постоеше само Сити, а закана по голот на Ливерпул упати и Де Брујне.

По полувремето како да се променија работите на теренот. Ливерпул тргна посмело, знаејќи дека не смее да си дозволи да биде пасивен против екипата на Пеп Гвардиола. Се играше главно на средината на теренот, а резултатот го отвори Садио Мане. Сенегалецот беше сигурен егзекутор на акцијата која ја изгради Салах со неколку добри дриблинзи, па ја проследи топката до Мане, а овој го претрча Диас и реализираше за 1-0 во 59. минута.

Натпреварот се отвори, повеќе немаше премногу тактизирање и почнаа да се редат шанси. Не се чекаше долго на реакција од Манчестер Сити, бидејќи десет минути по примениот гол, израмнување донесе Фил Фоден. Жезус го проигра Англичанецот, а овој откосо го матираше Алисон за 1-1.

Нова мајсторија на Мохамед Салах му ја врати предноста на домаќинот. Египќанецот се „прошета“ низ одбраната на Манчестер Сити, дојде во гол шанса и реализираше за 2-1 во 76. минута. Одново славјето на „Енфилд“ не траеше долго, бидејќи следеше нова брза реакција на Манчестер Сити. Кевин Де Брујне пет минути по голот на Салах донесе нов егал. Белгиецот прво ја префрли топката кај Стерлинг, овој се обиде да го пронајде Жезус, но одбиената топка заврши кај Де Брујне кој погоди од шеснаесетникот.

Одново продолжи отвореното надигрување во Ливерпул. Домашните фудбалери беа многу близу до трет гол, откако Едерсон лошо процени и излета на топка, а таа заврши кај Фабињо, но неговиот удар кон небранетиот гол го пречи Родри. На спротивната страна до неколку добри брзи контри се закани Сити, но резултатот не се промени.

За време на репрезентативната пауза лидер на Премиер лигата ќе биде Челзи кој има 16 бода, еден повеќе од Ливерпул и два од Манчестер Сити.

Треба да знаете
Последни објави