Корона вирусот ни стана сопатник и него го решаваме со вакцини, но што треба да направиме за она што се најавува со струјата, прочитајте во продолжение на текстот.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија
Сѐ ми се чини дека ова што ќе ни се случи е континуитет на кризата што започна 2008 година. Поточно кажано, таа и не престанала во изминативе 13 години бидејќи како на трака се редат проблеми еден за еден. Најновиот се вика проблем со снабдување со електричната енергија. Деновиве сум пренатрупан со писма од компаниите членки на Комората на кои им се откажуваат договорите за снабдување, уредно потпишани, навреме договорени, кои го рушат основниот принцип на нашата работа, а тоа е предвидливоста. Енормниот пораст на цените на суровините во изминатиот период, но и порастот на влезните елементи кои ја креираат производната цена на електричната енергија се иницијалната каписла за моменталните берзански цени кои достигнуваат до 185 евра за мегават час.
Цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта (HUDEX) за последните 12 месеци порасна, од 57 евра за мегават час на 1.01.2021 година, до 138 евра за мегават час на 27.09.2021 година. Според сите релевантни информации со кои располагаме, причина за ова се:
- зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен;
- релативно ниското производство од ветерните централи во Европа;
- брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и
- енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи.
Оттука започнува и проблемот со кој веројатно ќе се занимаваме подолг период. Минатата недела и Регулаторната комисија за енергетика даде изјава дека забележува незаконско откажување на договорите за снабдување на своите клиенти, додека другите го злоупотребуваат системот за балансирање на енергија на МЕПСО, така што не ја номинираат (купуваат) потребната количина електрична енергија за своите клиенти. Ова може да доведе до дестабилизација на електро-енергетскиот систем во земјата. Затоа, Регулаторната комисија почна да ги одзема лиценците на снабдувачите и ги предупреди сите останати да ги исполнат своите обврски кон клиентите, при тоа не злоупотребувајќи го системот за снабдување на МЕПСО.
Според нашите внатрешни информации нема проблеми со снабдувањето со гас, бидејќи договорите важат до 1.1.2022 година што гарантира стабилност до почетокот на следната година. Инаку, цената на гасот кај нас во моментов, е 4 пати помала, од цената на гасот во Европа постигната во последните три дена на Холандската берза (TTF).
Значи, тоа се информациите од теренот што упатува како и секогаш, дека Комората е првата институција што ги регистрира проблемите, кои во јавноста ќе се појават многу подоцна. Нашите предвидувања се дека покрај со последиците од пандемијата, во наредните години ќе се занимаваме и со ова прашање 24/7. Искуствата од досегашните вакви глобални проблеми нѐ поттикнуваат однапред да предложиме мерки кои ќе ја превенираат ситуацијата.
Прво, подигањето на домашното производство на електрична енергија е сигурно базичната мерка која може да изврши најголема превенција.
Второ, Регулаторната комисија за енергетика мора да биде на висина на задачата и енергично да дејствува за да се престане со манипулативното откажување на договорите со конкретни мерки, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците на истите, со трајна забрана на вршење на ваква дејност.
Трето, бидејќи се наоѓаме во период кога компаниите ја проектираат својата позиција за наредната година, што побрзо мора да се излезе со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите понатаму, како би можело тоа да биде вградено и во проекциите на самите компании.
Четврто, и на обичните луѓе совршено им е јасно дека цената на енергенсите директно влијае врз цената на производот и услугата, а со неконтролираниот порастот на цените на производите и услугите, лесно може да настанат проблеми и на макроекономски план.
Петто, оваа наша иницијатива никако не смее да се сфати како некакво драматизирање на состојбите, туку како транспарентност, неопходно потребна за вакви појави кои не зависат од нас, туку од случувања, кои се надвор од нашите можности.
Шесто, искуствата од пандемијата не учат дека во вакви кризи секој се свртува кон себе и второстепена е меѓународната солидарност.
Јас можам да гарантирам дека Комората и сега, како и во пандемијата, ќе биде стопроцентно со своите членки и дека ќе ги помага и застапува во секој момент и тие треба да се сигурни дека тоа, и ќе се случи.