Извидничкиот камп никако не е поврзан ниту со Министерството за образование, ниту со Бирото за развој на образованието, ниту следел програми кои што се пилот-фаза од Бирото за развој на образование, изјави денеска министерката за образование, Мила Царовска.
На прашање како овој случај ќе влијае на процесот на сексуално образование и дали можеби ќе се појави недоверба кај родителите, министерката посочи дека од него се оградија и ХЕРА и Фондација „Отворено општество”, и Градот Скопје, што, како што рече, укажува на тоа дека никако тоа не е поврзано со сексуално образование.
– Сексуално образование како пилот-фаза се случува во четири училишта. Таму искуствата на Бирото за развој на образование со 14-те наставника кои што го спроведуваат засега е одлично, дава позитивен фидбек од страна на учениците, родителите и наставниците и очекуваме кога ќе заврши целата таа пилот-фаза, во тек е истражувањето за тоа какви се постигнувањата, ќе бидат јавно достапни постигнувањата и понатаму ќе се одлучува што со тој предмет, изјави Царовска.
Дополни дека е важно дека во содржините на сексуално образование имаме недискриминација, почитување, родова рамноправност, или еднакви улоги на мажите и жените, можност и очекувања од момчињата и девојчињата во училиштето, ненасилство, што, како што кажа, укажува дека сексуалното образование е превенција од сите типови насилство кои што може на учениците да им се случат, но, исто така, и ученици кои што од незнаење може да предизвикаат трауми и насилство врз други ученици и нивните пријатели.