Аеродром ќе добие две нови градинки, во Ново Лисиче и Мичурин, а ќе ја реконструираме и градинката „Пчелка“. Планираме и изградба на младински центар, кој ќе претставува мултифункционален простор за потребите на младите луѓе, ова го истакна Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром, на вечерашната маалска средба во населбата „Јане Сандански“.
Филиповски се осврна и на нереалните ветувања во Аеродром на ВМРО – ДПМНЕ.
Најголемиот дел од проектите им се препишани од нашата програма „Најдоброто за Аеродром“. Ако ние ветуваме две градинки, тие ветуваат четири. Без притоа да ги знаат реалните потреби за ваков тип на установи, финансиските можности на локалната самоуправа и соодветни урбанистички локации. Луѓе кои немаат контакт со реалноста не смеат да предводат општина, посочи кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата.
Во вториот дел од средбата граѓаните поставуваа и прашања, кои пред сè се однесуваа на конкретната населба.
Тие бараат поинтензивно одржување на хигиената и зелените површини, како и обнова на спортското игралиште зад „Три бисери“.
Александар Филиповски истакна дека населбите во Аеродром ќе добијат нови детски и спортски игралишта. Исто така, додадена вредност ќе бидат трим – патеките за трчање, со кои дополнително ќе се зголеми спортската понуда во општината.