Мали: Уште една парична помош од 20 евра за сите полнолетни граѓани на Србија

Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, денеска во Парламентот претстави сет од четири економски закони, кои го дефинираат прашањето за исплата на 20 евра во декември за полнолетните граѓани на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Мали им го претстави на пратениците Законот за изменување и дополнување на Законот за привремениот регистар на полнолетните граѓани на Србија, на кои им се исплаќа финансиска помош за ублажување на последиците од пандемијата на коронавирусот.

-Ова е закон кој предвидува исплата на 20 евра за сите граѓани на Србија во декември годинава. Сите оние кои станаа полнолетни по 24 април 2021 година, можат да аплицираат за помош од 20 евра. Ја отвараме можноста за аплицирање на ист начин како и досега преку веб-страницата на Трезорската управа од 15 до 30 ноември, истакна Мали.

Тој потсети дека сите граѓани кои во мај аплицирале за финансиска помош во износ од двапати по 30 евра, како и пензионерите, не треба повторно да аплицираат бидејќи помошта автоматски ќе им се исплати во декември.

Мали изјави дека оваа помош е, исто така, дел од големиот пакет од осум милијарди евра наменет за граѓаните и економијата и претставува крај на третиот пакет мерки.

Тој потсети и дека во мај на сите граѓани и пензионери им биле исплатени 30 евра, потоа секој вакциниран граѓанин добил по 3.000 динари, а пензионерите на 22 септември добиле дополнителни 50 евра. Исплатени се 60 евра за сите невработени, потоа трипати по 50 отсто од минималната плата за сите микро, мали и средни претпријатија и претприемачи и големи претпријатија. Дополнително се исплатени две целосни минимални плати за самовработените уметници и уште две целосни минимални плати за сите вработени во угостителството и туризмот. Мали додаде дека планот е во февруари или март да се исплатат дополнителни 20.000 динари за пензионерите.

Треба да знаете
Последни објави