Руски екипаж од двајца космонаути, филмски режисер и актерка полетаа во вторникот кон Меѓународната вселенска станица (International Space Station – ISS) за да го снимаат првиот филм во вселената, најнов пресврт во децениското руско-американско вселенско ривалство.
Според американските медиуми, овој проект има за цел да го подигне престижот на руската вселенска програма.
Вселенското летало „Сојуз МС-19“ требаше да се укотви во 12.12 часот по Гринич (20 часот и 12 минути) во станицата, која орбитира околу Земјата на надморска височина од околу 354 километри.
Руските државни медиуми обезбедија целосна и патриотска репортажа, со одбројување на часовникот на Канал 1, а презентерите на вести го прикажаа настанот како значаен пробив на Русија, кој остатокот од светот внимателно го следи.
Како одраз на советските корени на руската вселенска индустрија, екипажот беше лансиран од космодромот Бајконур во степите на Казахстан, поранешна советска република во Централна Азија.
Според „Ројтерс“, помпите беа во спротивност со последните случувања во руската вселенска индустрија, која во последниве години беше погодена од бројни одложувања, несреќи и корупциски скандали, а во меѓувреме, приватни фирми со седиште во САД, поддржани од богати бизнисмени, развија нови вселенски бродови.
12-дневната руска мисија следува само три недели откако „Спејс икс“ го испрати во вселената првиот цивилен екипаж во тридневна мисија. Капсулата беше развиена од „Спејс-икс“ на американскиот бизнисмен Илон Маск.
Руската мисија е осмислена така да влезе пред холивудскиот проект кој претходно годинава го најави актерот Том Круз заедно со НАСА и „Спејс икс“.
Рускиот филм, насловен „Предизвик“, се фокусира на сторија за докторка, ја глуми актерката Јулија Пересилд, од која се бара да отпатува во вселенската станица за да го спаси животот на еден космонаут премногу болен за да биде транспортиран назад на Земјата.