Цртежи и слики од Мухамед Али, продадени за речиси милион долари

Ретка колекција цртежи, скици и слики од боксерскиот шампион Мухамед Али, беше продадена на аукција за речиси милион американски долари. Според Би-би-си, на наддавањето во „Бонам’с” биле понудени 26 уметнички дела.

Едно од најочекуваните дела, „Бодам како пчела”, се продаде за 425.000 долари, што е 10 пати повеќе од проценката пред продажбата, според њујоршката аукциска куќа.

Мухамед Али важи за еден од најголемите американски спортисти, активисти и поети, но неговите уметнички дарби се помалку познати. Тој, според наводите, цел живот сликал со поддршка на неговиот татко, кој бил професионален уметник.

– Мухамед Али беше културна икона што дефинираше цела една генерација. Неговите уметнички дела ги прикажуваат оние теми што се нему блиски – боксот, граѓанските права, религијата, светскиот мир и хуманитарната работа, рече директорката на одделот за поп-култура во „Бонам’с”, Хелен Хол.

Делата беа ставени на аукција од колекционерот и пријател на Али – Родни Хилтон Браун, кој рече дека Али ги нацртал своите први три слики по борбата во Бостон, 1977 година. Вкупната вредност на сликите достигна 945.524 долари.

Треба да знаете
Последни објави