Дел од кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја водат според примерот на нивниот ментор Никола Груевски, од дома и без соочување со противкандидатите и прашања од граѓаните.
Откако прво кандидатката за градоначалничка на град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, одби да се појави на дебатата организирана од „А1он“ и „Макфакс“, нејзиниот пример на два пати го следеше и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп, Борче Јовчески. Тој не се појави на три соочувања со своите против кандидати.
Арсовска не објасни зошто избегна директно соочување со другите кандидати за градоначалници на град Скопје, особено со актуелниот градоначалник Петре Шилегов. Дали се плаши дека нејзините нереални проекти во кои ветува брда и долини ќе бидат разобличени во живо пред сите гледачи или ни самата не верува во тоа што го нуди на изборите?
„Она што е евидентно е дека на многумина кои се кандидираа пред почнување на кампањата во меѓувреме им стана јасно дека водењето на Град Скопје не е едноставна работа и треба да се базира на сериозни анализи, за да може да влезе во квалитетна реализација. Градот Скопје не е попис не желби, туку треба сериозно внимание и работа за реализирање на сите работи. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска се соочува со таа реалност, бидејќи од ден на ден нејзините конференции изгледаат на отчет на сработеното во изминатите 4 години, отколку на нешто што е реална понуда кон нашите граѓаните“ кажа Шилегов на почетокот на дебатата.
Освен Арсовска, учество во дебата одби и кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески по трет пат. Како објаснување зошто не излегува на соочување со своите против кандидати, Јовчески објасни дека тоа го сторил бидејќи МВР не презела ништо против лицата кои му се заканувале преку социјалните мрежи. МВР вчера соопшти дека е поднесена кривична пријава против лицето кое преку „Фејсбук“ упатило закани кон Борче Јовчески и неговото семејство, како и тоа дека веднаш се преземени мерки и случајот е расчистен. Сепак и покрај тоа Јовчески не собра сили и не се појави на синоќешната дебата на Телма.
„Сакам да го изразам огромното разочарување од господинот Борче Јовчески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ова е веќе третпат да одбие дебата.И тоа не е ни толку битно за нас тројцата, веројатно не потценува, туку што ја потценува интелегенцијата на граѓаните на Прилеп, очигледно очекува да стане градоначалник од дома“ рече кандидатот на СДСМ за градоначалник на Прилеп, Горан Сугарески.
Тактиката што ја користат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ на избегнување на соочување со граѓаните и политичките противници е позната тактика на оваа партија од времето на Никола Груевски, кога поранешниот премиер одбиваше да се појави дури и на новинарски инверјуа на кои можеше да му бидат поставени незгодни прашања. Сепак, македонската демократија напредуваше од времето на режимот и сега граѓаните се навикнаа функционерите кои ги бираат да бидат постојано одговорни и транспарентни и редовно да бидат под будното око, како на медиумите, така и на граѓаните.