Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, изјави дека постои перспектива за проширување, но дека сите земји-членки немаат „исти апетити” за проширувањето. Вучиќ за новинарите изјави дека е задоволен од фактот што претседателите и премиерите на земјите од ЕУ четири часа разговараа со лидерите на регионот за иднината на Западен Балкан.
-Се што слушнав во овие два дена, денес на Самитот и вчера на Самитот на ЕПП, е дека постои перспектива за проширувањето, но дека не сите земји -членки имаат ист апетит за проширувањето на ЕУ. Но, сите внимателно ги слушаа главни актери и разбраа дека постојат стратешки интереси на ЕУ во регионот, кажа Вучиќ.
Тој изјави дека за Србија е интересно и значајно што било можно да се види кои земји сакаат побрзо проширување, а кои се поголеми скептици.
Тој повтори дека нема влез во Европската унија за Србија без решение за Косово.
-Разговарав долго со (францускиот претседател Емануел) Макрон, имам позитивно искуство. Не сакаа да дадат датум, Еди Рама имаше дискусија со Румен Радев во врска со тоа кој се побарал бугарско државјанство. Макрон имаше неочекувано позитивен говор за европската интеграција на Балканот. Носам позитивен впечаток од разговорот со Макрон, кој се сфати од едно мое прашање што му го поставив на (Албин) Курти, изјави Вучиќ.
Тој кажа дека разговарал со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој порачал дека официјална Атина ќе продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на Србија и нема да го признае Косово.
Вучиќ додаде дека разговарал и со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, со кои, како што нагласи, ќе ги продолжи разговорите.
Според Вучиќ дијалогот во Брисел меѓу Белград и Приштина ќе продолжи, но дека прва тема мора да биде формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).
-Се разбира, ќе го продолжиме дијалогот, само прва тема мора да биде ЗСО, исто како што беше напишано во соопштението на ЕУ, кажа Вучиќ, одговарајќи на прашања на новинарите на самитот ЕУ-ЗБ во Брдо кај Крањ.