Велковски: За прв пат во историјата се вложуваат милиони евра во Општина Свети Николе во ветерници и фотоволтаични централи

Кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Општина Свети Николе Сашо Велковски денеска пред своите сограѓани го презентираше сработеното во изминатите 4 години и плановите на „Најдоброто” за наредните 4 години.
„Воопшто не беше лесно, ниту рековме дека ќе биде лесно по 12 години буквално пустошење и расипништво од претходните криминогени локални власти на ВМРО ДПМНЕ, кои замислете, се договориле за едно сијалично место граѓаните да платат по 900 евра , иако на слободниот пазар чини само 50 евра”, истакна Велковски.
„Сепак во општината, со домаќинско и одговорно работење за прв пат беше изградена велосипедско-пешачка патека, воспоставен редовен јавен превоз до руралните населби, поставени контејнери за собирање на отпад по руралните населени места, изградена е прва социјална зграда, изградени се километри водоводни и канализациони мрежи”, нагласи Велковски, додавајќи дека во општината се подобрени условите во сите училишта и градинки,  моментално се гради сосема нов противпожарен дом, а наскоро и детска градинка во Ерџелија, прва во една рурална населба.
Велковски  најави дека акцентот и во наредниот период го биде ставен на здрава и чиста животна средина.
„Во преден план ќе бидат изградбата на нови канализациони мрежи како во градот, така  и во Мустафино, Пеширово, Кадрифаково, Сопот, Трстеник, Кнежје за кои веќе имаме готови проекти, во наредните 4 години ќе ги решиме проблемите со чиста вода за пиење во сите рурални населби како и проширување на капацитетот  на филтер станицата и изградба на нов цевковод до Ерџелија”, истакна Велковски .
Тој нагласи  дека за прв пат во историјата се вложуваат милиони евра во Општина Свети Николе во ветерници и фотоволтаични централи.
„Подготвуваме нов инвестициски циклус во кој се потпираме на она што природата во изобилие му го дала на Овчеполието, земјоделското земјиште и  производство на зелена енергија, и продолжуваме со бројни нови проекти, како изградба на затворен базен, дом за стари лица, откупен центар за земјоделски производи”, најави Велковски.
„Токму затоа сме „НАЈДОБРИ”, токму затоа ќе победиме на 17-ти Октомври”, порача Кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Општина Свети Николе Сашо Велковски, барајќи ја повторно довербата од своите сограѓани.

Треба да знаете
Последни објави