Планираме да изградиме по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка“, со што значително ќе се подобри капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани. Тоа, пред сѐ, ќе значи згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места.
Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој.
Дополнително, во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив.
Нашата политика и проектите што се планира да се реализираат во наредниот четиригодишен период треба да остварат позитивен ефект врз оваа целна група, преку обезбедување и одржување здрава средина за раст, развој, отворање можности за образование во современо опремени училишта и нивна подготовка за продолжување на средното образование според сопствен избор, квалитети и афинитети.
Проектите што се предвидуваат треба да придонесат за зајакнување на капацитетите на постојните основни училишта и детски градинки, за зајакнување и интензивирање на примената на спортот и различните спортски дисциплини во рамките на основните училишта, за поддршка на воннаставните активности и културното издигнување на младите генерации, за инклузија на децата со посебни потреби во сите сегменти, за размена на знаење и искуства преку остварување соработка и партнерства со други училишта од Градот, Републиката, Балканот и Европа.