Поголема поддршка за лицата со попреченост, отворање на сензорни соби во основните училишта, поблиска соработка со образовните асистенти за идентификација на потребите на децата со попреченост, беа дел од темите на разговор на средбата меѓу Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром и претставниците од здружението на граѓани за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Мојот свет“.
Филиповски се запозна со работата на здружението, нивните тековни активности и проекти за подобрување на состојбите на лицата со попреченост во нашето општество.
Кандидатот за градоначалник посочи дека секое основно училиште ќе добие своја сензорна соба. Станува збор за просторија, која е опремена со посебни материјали, светлосни елементи и наставни помагала, при што се обезбедува подобар образовен процес и едукација и за учениците со посебни образовни потреби, кажа Александар Филиповски.
Во својата програма, СДСМ предвидува и повеќе проекти за подигнување на јавната свест кај сите граѓани, со цел вклучување на граѓаните со попреченост на пазарот на трудот. Само на тој начин може да се обезбеди трајно решавање на статусот на овие граѓани и еднаков третман во заедницата.
Александар Филиповски се обврза дека сите мерки и политики во општината ќе се креираат и со граѓанските организации. Нивното учество ќе биде загарантирано, со цел да се создадат локални политики кои одговараат на потребите на сите граѓани.