Ливриниќ: Недостасуваат повеќе жени на клучни и раководни позиции

Жена борец и мајка секогаш ќе бидат нејзините клучни улоги во животот. За неа, жената е симбол на сите семејни вредности и темел на заедништвото. Жената како мајка постојано мора да работи на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во рамките на своето семејство, во рамките на работната средина и во непосредното опкружување. 24 инфо ја праша Оливера Ливриниќ, носителот на листа на СДСМ за Совет на општина Бутел што да очекуваат граѓаните од новиот совет, како е да се биде жена политичар, има ли време за пријателите и семејството.

– Јас уживам во оваа улога и навистина сум многу горда што имам прекрасна успешна ќерка, но истовремено му се радувам од срце на мојот внук Дамјан. Инаку, јас сум дипломиран историчар на уметност и археологија, посветен кабинетски службеник во Министерство за култура и раководител на Секторот за заштита на културно наследство.

Како е да се биде жена во политика, има ли родова еднаквост во политиката? Дали жените се подобри политичари од мажите?

Од денешен аспект, прво се прашувам дали родовата еднаквост во политиката е клише, традиција или демократско право? Улогата на жената во македонската историја и култура е специфична категорија. Зависно како сакаме да ја читаме историјата. Женскиот елемент е значително присутен, повеќе од стандардната дефиниција на македонското општество како конзервативно во релацијата маж –жена или обратно. Женскиот елемент е присутен на симболично ниво, на реално ниво, но и на практично ниво, изразено преку индивидуи кои се наметнуваат како такви. Да се биде жена е предност, лично јас до сега секогаш сум наишла на отворени врати, одлична комуникација, добра соработка. Одлично е да се биде дама во политиката.

Сметате ли дека жените се доволно застапени во политиката?

Феминистичките заложби за политичко учество на жените се едни од најзначајните полиња на влијание за родова еднаквост и вклучуваат еднаквост во смисла на создавање услови и обезбедување учество на жените и мажите во процесите на креирање и имплементирање на политиките. Појдовната основа е постојната нееднаквост и, оттаму, потребата од постојана свесност и континуирана заложба кон пресретнување на сите фактори што влијаат врз поттикнувањето на политичкото учество на жените и на сите нивоа на општествено функционирање. Овие фактори ги обликуваат социјалните, економските, образовните, здравствените, културните и сите други аспекти на живеењето, ги креираат условите и го овозможуваат учеството на жените во политичките процеси и во креирањето на политиките. Феминистичките заложби се поврзуваат со демократските принципи и механизми на управување преку еднакви можности и учество и заедно овозможуваат ефикасни можности за унапредување на родовата еднаквост. Денес, податоците велат дека жените се 50 отсто застапени во политиката, но сметам дека недостасуваат повеќе дами на клучни, раководни позиции. Спојот на убавина, успешност и професионалност секогаш се покажал како добитна комбинација, не само кај нас туку и во светот.

Вашите сопартијки за вас велат дека сте силна негувана жена која секогаш држи до себе и своето мислење. Што би им порачале на гласачите на општината?

Им благодарам за убавото мислење и мислам дека секоја жена без разлика дали е во политиката треба да биде негувана и секогаш да држи до себе и до своите ставови. Секако, тоа во согласност со можностите, но сепак можеме да бидеме чисти и уредни. Покрај професионалните ангажмани жената секогаш треба да стави приоритет и на семејните вредности. На гласачите на општина Бутел, сигурна сум дека во изминатите четири години и покрај покрај две години пандемија и пет изборни циклуси, видоа дека успеавме во реализација на нашите цели и проекти да изградиме општина која е подобро место за живеење со подобра инфраструктура, осветлени улици, подобрени услови во градинките и училиштата особено по нивната целосна реконструкција. Заедно и во идниот мандатда ги реализираме останатите успешни проекти  и да придонесеме Бутел да биде Општина со достојни услови за живот.

Одзема ли многу време партискиот активизам со оглед  на тоа што сте вработена жена но и мајка? Останува ли време за готвење, прошетки, дружење со пријатели хоби? Што правите во слободното време и како го поминувате?

Одзема, има денови кога не можам да стигнам ниту да појадувам… Но, јас сум исполнета и среќна со ова што го правам. Јас, пред сè, сум горда мајка на Елена која е успешна ракоментарка. Таа сега живее во Романија и се радувам на секој нејзин успех, знаеме со часови да разговараме на социјалните мрежи, буквално ние сме најдобри другарки и си делиме сè. Додека беше таа мала моето време целосно беше посветено на неа, а денес, таа е онаа која мене ме поддржува од секаков аспект, а тоа е најголемата гордост на една мајка. Јас сум од оние жени кои знаат да подготват нешто за половина час, а целото мое слободно време го посветувам на кафе дружење со пријателите и знаеме заедно да одиме на театар, концерт, кино. Впрочем, тоа е нераскинлива врска зошто и работата во Министерство за култура тоа го бара од мене. Но, кога работата ти е задоволство тогаш тоа е добитната комбинација.

Што да очекуваат граѓаните од новиот Совет на општината?

Како и во изминатиов период, нашата советничка група се залагаше и придонесуваше за реализирање на потребите на граѓаните, така и во следниот период заедно со градоначалникот би сакала пред се  да бидеме пример на сплотеност и единство како Совет, без разлика на политичката припадност се во интересна граѓаните, да бидеме целосно посветени во подобрување на условите.

(В.А.)

 

Треба да знаете
Последни објави