Скопје веќе не е најзагаден град во Европа, а веќе не ниту најзагаден град во Македонија, истакна кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов на дебатата на телевизија Алсат. Тој откри дека за четири години успеал просечната вредност од 71 микрограм на метар кубен да ја намали на под 40, што претставува намалување за една третина.
-Децениските депонии беа исчистени и успеавме да исчистиме и осум илјади оџаци, поделивме над пет илјади инвертер клими, изработивме 110 километри велосипедски патеки, купивме 33 еколошки автобуси. Изработивме целосно нов систем на јавен транспорт, еколошки, кој треба да биде имплементиран во наредните две години и тоа се резултати кои придонесоа за намалување на загаденоста, нагласи Шилегов.
Тој кажа дека се уште претстои борба против загаденоста која мора да биде системски испланирана, а не само нафрлена.
-Во крајна фаза сме на терцијарната гасификација, процес кој ќе се одвива на територијата на целата држава, но во исто време интензивно работиме, така што променивме над сто котли на државните институции кои користеа мазут, а сега се веќе на природен гас. Тоа значи дека гасификацијата е започната, особено во државните институции, истакна Шилегов.
За комплетно да се реши проблемот со загадувањето тој истакна дека мора да се пристапи кон решавање на проблемот со јавниот превоз, со снабдувањето со топлотна енергија, но и со ад-хок мерки.