Делегација на Владата предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, положи венци свежо цвеќе на спомениците и спомен обележјата во градот херој Прилеп, каде што од вчера и во текот на денешниот ден се реализира свечената државна програма со која се чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание и одбележува 80 години од овој настан со кој во 1941 година беше означен почетокот на народно-ослободителната војна и заокружувањето на раѓањето на македонската држава.
Владината делегација се поклони и положи венци свежо цвеќе на спомениците на народните херои Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, и на споменикот „Жена борец”, по што ја посети Алејата на народните херои за да им оддаде почит на жртвите во народно-ослободителната војна од Прилеп, град кој даде 650 жртви, и се гордее со 15-те народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941″.
Венци свежо цвеќе на споменичните места од народно-ослободителната војна денеска положија и други делегации на државниот врв, на општествено-политичките организации, на Армијата, на борците, на дипломатскиот кор и на гостите од странство.
Како што најави владината прес-служба, државната програма за одбележување на 11 Октомври – Ден на народното востание и 80 години од овој настан продолжува на Могилата на непобедените во Прилеп со програма која предвидува полагање венци свежо цвеќе и соодветни содржини за чествување на празникот.
На Могилата на непобедените делегацијата на Владата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, кој заедно со другите делегации, гости и граѓаните од Прилеп и од државата, ќе ја проследат празничната програма и обраќањата на претседателот Стево Пендаровски, на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски.