„Држава се гради со љубов, со искрено чувство со патриотизам, со почитување на сопствениот народ и припадниците на другите етнички заедници, кои живеат во неа, држава се гради, не се разградува, Прилеп се сака со дела не со зборови, борбата за Прилеп била и секогаш ќе биде поголема од партиската, етничката, верската или било која друга припадност, мојата филозофија е да обединувам а не да делам”, истакна денеска во Прилеп кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Прилеп, Горан Сугарески.
Тој нагласи дека е дојдено времето своето политичко, професионално, животно искуство и стекнато знаење да го посвети на родниот Прилеп и на своите Прилепчани.
„Иако зад мене стои големо политичко искуство, кандидатурата за градоначалник на мојот роден град е најголемиот предизвик со кој досега сум се соочил, и никогаш досега не сум избегал од ниту еден предизвик, ништо поразлично не е ниту сега, напротив мојата одлучност заедно да ја оствариме големата победа е посилна од било кога”, порача Сугарески.
Тој во рамките на големиот марш по повод денот на почетокот антифашистичкото востание 11 октомври истакна дека Прилеп е кодот на македонскиот идентитет.
„Денес одбележуваме 80 години од денот кога македонскиот народ се крена против фашистичкиот окупатор, 11 октомври е синоним на пркосот на прилепчани, историско обележје, кое на Прилеп му дава печат како град на непокорот”, рече Сугарески.
Тој додаде дека Прилеп дал 8.000 учесници во антифашистичката револуција, 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на партизански споменици, но раѓал и комити и партизани, бунтовници и револуционери, илинденци и асномци, бранители во 2001 година од кои 10 ги положија своите животи.
„Секоја генерација има свои битки, не смееме да се правиме слепи и глуви за важноста на локалните избори, тие го одлучуваат правецот, во кој ќе се движи државата, не одлучуваме само за советници и градоначалници, туку првенствено за тоа дали ќе продолжиме напред кон сигурна иднина или ќе се вратиме назад во неизвесноста”, порача кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Прилеп Горан Сугарески и повика граѓаните во недела масовно да го заокружат бројот 12, да го изберат „Најдоброто” за Прилеп, за уште една голема победа.