Москва не ја исклучува можноста за натамошно заострување на односите со САД, доколку не се направат дополнителни напори за нивно нормализирање, изјави денеска рускиот заменик -министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, по состанокот со американскиот заменик -државен секретар Викторија Нуланд во Москва.
Разговорите со Нуланд во Министерството за надворешни работи траеја околу два часа, а Рјабков ги опиша како крајно отворени.
„Разговорот беше корисен, но не постои согласност помеѓу позициите на двете страни. Американците немаат слух за нашата логика, нашите барања. Но, без оглед на тоа, разговорот беше корисен “, изјави Рјабков.
Тој додаде дека Русија не ја исклучува опцијата за замрзнување на работата на руската дипломатска мисија во САД, иако, како што не изјави, би сакала да го избегне тоа сценарио.
„Ние би сакале да го избегнеме тоа. Но, не можеме да исклучиме такво сценарио во најлош случај”, рече тој.
Во тој поглед, главното прашање беше функционирањето на дипломатската мисија и проблемот со издавање визи, а според рускиот дипломат не е постигнат напредок, но се планираат нови консултации на таа тема. Рјабков, исто така, рече дека Украина не е на агендата на разговорите. Нуланд нагласи дека разговарала со Рјабков за билатералните односи.
„Мило ми е што повторно сум во Русија и се занимавам со нашите билатерални односи”, им рече таа на новинарите по состанокот. Кремљ објави дека постои можност темата Украина да биде на агендата на разговорите меѓу Нуланд и Дмитриј Козак, заменик -шеф на администрацијата на претседателот на Русија.