Во Украина и Русија делуваат голем број групи кои продаваат уценувачки софтвер, таканаречен „рансомвер”, тврдат експерти за кибернетика.
Некои американски претставници и аналитичари сметаат дека тие групи во Русија работат со прикриена поддршка од Кремљ, но дека не се под директна контрола на властите во Москва.
Средбата ќе трае два дена и ќе биде поделена на шест дела. Ќе се дискутира за употребата на криптовалути во прикривањето на заработката од кибер криминалот, гонење на групи кои пласираат „рансомвери”, употреба на дипломатија во борба против таков криминал и помагање на државите да изградат отпорност на нападите, изјави американски владин претставник.
Покрај САД, разговорите ќе ги водат Индија, Австралија, Германија и Велика Британија. На состанокот, меѓу другите, ќе учествуваат Канада, Франција, Бразил, Мексико, Јапонија, Украина, Ирска, Израел, Јужноафриканска Република и Европската унија.
– Водиме активни разговори со Русите, но тие не се поканети да учествуваат на овој форум, истакна официјалниот претставник, додавајќи дека тоа не значи оти Русија не може да учествува на идните состаноци.
Тој додаде дека разговорите се во тек, дека САД споделиле информации за одредени криминални групи во Русија и дека Москва преземала први чекори во решавање на тоа прашање.