Европската комисија формираше експертска група што ќе направи заеднички насоки за просветните работници со цел да се борат против дезинформациите и да ја подобрат дигиталната писменост на граѓаните.
Групата се состои од компании, организации и поединци од неколку сектори, а ќе биде управувана од Генералниот директорат за образование и култура (ГД ЕАЦ) и Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија (ГД ЦНЕКТ).
Иницијативата е дел од Акцискиот план на ЕК за дигитално образование, што почна да се имплементира оваа година во обид да одговори на двојните предизвици од транзицијата кон дигиталната ера и постпандемискиот свет.
Слична експертска група на високо ниво за борба против лажни вести и ширење дезинформации на интернет беше формирана во 2018 година.
– Денес, критичкото размислување и оценувањето на квалитетот на информациите до кои пристапуваме на интернет е исто толку важна вештина како и читањето и пишувањето, нагласи европската комесарка за иновации, истражувања, култура, образование и младина, Марија Габриел.
Таа рече дека сакаат да овозможат младите луѓе да придонесат во светот на дебатата и дискусијата преку интернет. – За да успееме, ќе работиме преку оваа експертска група, со нашите наставници и едукатори како вистинска движечка сила за промени во образованието и обуката, рече Габриел.
Главната цел на групата е да се всади кај младите „критички дух” неопходен за преиспитување на содржината на која наидуваат на интернет и за разликување факти од фикција.