Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денес изврши увид во градежните работи на реконструкцијата на објектот на Универзална сала каде што одржа прес-конференција за медиумите.
– Универзална сала e омилената културна институција на многу скопјани, исполнета со многу концерти, со многу емоции, со многу љубов, многу радост. За многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, местото каде што на „Златно славејче“ се роди „Градот убав“ песната која низ годините стана неофицијална химна на нашето сакано Скопје. За мене тоа е главниот мотив за повторно отворање на нејзините врати за посетителите, за нашите скопјани, но и не само за нив туку и за целата земја, за регионот, за Европа и светот, со овие зборови градоначалникот Шилегов ја започна денешната прес-конференција.
– Реконструкцијата на објектот на Универзална е во тек и веќе од следната година ќе се исправи пред нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкцијата на Универзална сала е изработен од архитектот Бујар Муча, а идејата Универзална да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, после отворената и опсежна дебата доби широка поддршка од јавноста., порача Шилегов.
– Владата на СДСМ и коалицијата одвои 120 милиони денари средства од Буџетот на РСМ за реализацијата на овој проект кој е од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција, заради што уште еднаш упатувам искрена благодарност. За реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку проекти изработени по налог на претходните градоначалници кои беа прескапи и не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Реконструкцијата на Универзална сала по проект со постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект, нагласи Шилегов.
– Град Скопје игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град. Со конкретните чекори кои ги преземаме стануваме светол пример во регионот и пошироко. Универзална повторно ќе биде дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата останува и понатаму инспирација за создавање на нова уметност на задоволство на сите генерации. Универзална секогаш била во редот на најдоброто од Скопје, го имате мојот збор, Универзална ќе остане најдоброто за сите сегашни и идни генерации, заклучи градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.