Во тек се активностите за изградба на новиот, дополнителен објект на градинката „Орце Николов“ во Карпош 3. Станува збор за предучилишна установа која ќе обезбеди згрижување на нови 100 деца, на возраст од 4 до 6 години, распоредени во четири групи.
Денеска, во увид на градежните активности беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Градоначалникот Богоев информираше дека станува збор за трет, нов објект на градинка во општина Карпош, откако во изминативе четири години беа направени нови објекти на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, а целосно нова градинка доби и Бардовци.
-Со отворањето на новите градинки ги зголемивме капацитетите за престој и едукација за 173 дечиња, a со дополнителниот објект на „Орце Николов“ таа бројка ќе биде 273. Вложувањето во детската заштита и во подобрување на условите во градинките беше наш приоритет изминативе години. Уверен сум дека грижата за најмладите во Карпош ќе продолжи и понатаму, рече градоначалникот Стефан Богоев во изјава за медиумите.
За овој проект е склучен Договор за користење на грант меѓу општина Карпош и Министерството за труд и социјална политика, во вредност од 28 милиони денари, кој го доделува Светска банка, како дел од Проектот за подобрување на социјални услуги.
Министерката Шахпаска говореше за политиките на ресорното министерство за подобра детска заштита.
-Грижата за најмладите е високо на нашата агенда. Затоа отворивме 15 нови објекти на градинки, а до крајот на годината ќе имаме уште 10 нови предучилишни установи. Основната цел е до крајот на нашиот мандат да имаме 7.500 деца згрижени во градинка, изјави министерката.
Богоев и Шахпаска направија и увид во протоколите по кои се одвива згрижувањето на деца и разговараа со дел од воспитниот кадар.