Предизвиците со кои се соочуваат работодавачите со дефицитот на работна сила и образовните реформи прилагодени кон потребите на стопанството беа главна тема на новиот состанок од серијата консултации со претставници на бизнисот, кои во рамки на проектот „Деловен појадок“ ги организира Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со цел размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите и бизнис заедницата.
„Ако порано зборувавме за креирање на работни места, сега говориме како истите да ги задржиме. Како резултат на миграциите во и надвор од земјата, повеќе од половина од компаниите во Македонија се соочуваат со проблем на задржување на работната сила на подолг временски период, посебно на помладите. Оваа појава е посебно изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско-туристичкиот сектор“, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска, повикувајќи се на податоците од направените анализи на организацијата.
За претседателката на ОРМ неопходно е час поскоро образовната политика и реформите во овој сектор да се усогласат со потребите на пазарот на трудот.
„Предлагаме да се изврши редуцирање на гимназиските и општествените смерови, на сметка на техничките и стручните смерови во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оценка дали студиските програми имаат општествена оправданост“, децидна е Трајкоска, напоменувајќи дека ОРМ се залага за зајaкнување на соработката и дијалогот меѓу факултетите и стопанството со цел да се приближат наставните програми на факултетите до потребите на пазарот на труд, а со тоа да се зголеми вработливоста на идните дипломци.
На овој состанок од серијалот деловни појадоци организирани од ОРМ се разговараше и за дефицитот на работна сила кој е особено изразен во секторот за туризам и угостителство. Претставниците од овој сектор уште еднаш порачаа дека има неопходна потреба од значително поедноставување на моделот на пријавување на работниците и намалување на трошоците што ги имаат работодавачите за вработените во овој сектор, чиј број од година во година се повеќе се намалува.
„ХОТАМ, како членка на ОРМ, и Меѓународната организација на трудот, започнаа со спроведување на активностите од пилот-проектот во охридско – струшкиот регион кои се во насока на олеснување на условите за пријавување на работниците во туристичко-угостителскиот сектор преку преземање на административните активности за пријавување на работниците и покривање на придонесите за вработените кои се ангажирани преку проектот, како и организирање на бесплатни обуки за работниците. На основа на искуствата и резултатите од овој пилот-проект ќе се изготват конкретни предлози за измена на законската регулатива кои ќе бидат доставени до Владата”, информираше претседателот на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Покрај за начините како да се намали растечкиот недостиг на работна сила на пазарот на труд, особено во угостителството и туризмот и за неопходноста од реформи во стручното образование и зајакнување на дијалогот меѓу факултетите и стопанството, на овој состанок членките на ОРМ разговараа и за други прашања од интерес за работодавачите кои понатаму ќе бидат споделени со останатите партиципиенти и партнери во социјалниот дијалог на локално и национално ниво, по што истите ќе бидат преточени во предлози за измени во законската регулатива. Организацијата на деловните појадоци е поддржана од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ)*.
* Темата и содржината на деловните појадоци се единствена одговорност на ОРМ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на ЕУ и МОТ.