Норвешката национална агенција за безбедност вели дека нападот со лак и стрела во кој загинаа пет лица веројатно е терористички акт.
Агенцијата, позната под акронимот PST, денеска соопшти дека нападот во средата вечерта, во мал норвешки град, во моментот се чини дека е терористички акт.
„Истрагата ќе разјасни подетално што ги мотивирало инцидентите“, се вели во соопштението.
Се додава дека осомничениот и бил познат на агенцијата од порано, но PST не може да даде дополнителни детали за него.
Данскиот државјанин (37) кој е осомничен за убиство на пет лица во напад со лак и стрела во норвешкиот град Конгсберг, преминал во ислам и полицијата била загрижена поради индикациите дека тој се радикализирал, соопштија властите.
Петмината убиени, четири жени и еден маж, биле на возраст од 50 до 70 години. Две лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на должност, се повредени.
Напаѓачот е уапсен, но полицијата не го соопштува неговиот идентитет.
Таа само ја објави неговата националност бидејќи на социјалните мрежи се појави дезинформација.
„Напаѓачот преминал во ислам и полицијата беше загрижена поради индикации дека се радикализира“, изјави за новинарите шефот на националната полиција Оле Бредруп Саевруд, истакнувајќи дека е рано да се каже дали нападот треба да се истражува како терористички акт.
„Имаше загриженост за радикализација… Тоа се следеше“, рече тој, без да навлегува во детали.
Напаѓачот живеел во Конгсберг, кој се наоѓа 68 километри југозападно од Осло и има околу 28.000 жители.
Се верува дека дејствувал сам.