Американската политика е тесно усогласена со европските партнери за тоа што треба да се направи во регионот на Западен Балкан. Кажано со еден збор – тоа е евроинтеграција. Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји. Точка. Тоа е нашата политика и се останато е само тактички пристап како тоа да се направи, изјави американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар, во видео разговор со регионалниот директор на „Економист” за Европа Џоан Хоеј, во рамки на Самитот за Западен Балкан на „Економист”, што се одржува во хибриден формат денеска во Скопје.
Тоа, посочи Ескобар, е нашата крајна цел за регионот на Западен Балкан и ако гледате на регионот историски и културно тие се Европа, и нивните граѓани и економии се тесно поврзани со Европа.
– Од наша перспектива е природен чекор, дека тие треба да бидат дел од ЕУ, која веќе има огромно влијание во овие земји. Прифаќаме дека не сите земји од ЕУ се отворени за брз прием на нови земји членки, како и дека земјите треба да ги исполнат реформските обврски. Но, тоа се прашања на кои САД и ЕУ работат заедно. Но, работиме одблиску со европските партнери за приближување и затворање на овие прашања, истакна Ескобар.
Нашето искуство, нагласи Ескобар, со нови земји членки од регионот во НАТО, особено со Црна Гора, Албанија и Северна Македонија е дека се добри и солидни партнери.
– Сметам дека тоа е она што ЕУ може да го очекува од овие држави. ЕУ може да очекува дека овие земји ќе бидат солидни соработници, нагласи Ескобар.
На Балканот, Ескобар посочи дека гледаат како на предизвик, иако политички има некои прашања кои треба да се решат.
– Ние гледаме вистински можности за партнерство со еден од најбрзо растечките региони во Европа. Има регионален тренд кон регионална економска интеграција на земјите надвор од ЕУ, без разлика дали тоа се вика Заеднички регионален пазар или Отворен Балкан, или нешто друго, тоа се случува и тоа многу брзо и сметам дека тоа е нешто позитивно, изјави Ескобар.
Регионот на Западен Балкан економски гледано, според Ескобар, е регион од 20 милиони жители, економија од 125 милијарди долари и економски раст и до пет проценти на годишно ниво во некои случаи.
– Ние на Западен Балкан гледаме како на партнер и сметаме дека и нашите европски партнери треба да гледа така. Тие претставуваат само пет проценти од вкупната ЕУ популацијата, а претставува така голем чекор, изјави Ескобар.
Ова, посочи тој, е значително поразлично гледиште од САД, споредено со тоа во 90-тите и сметам дека сега имаме вистински можности кои треба да ги искористиме.