Во рамките на чествувањата на 11 Октомври во амбасадата на Република Северна Македонија во Париз отворена е изложбата на „Омеѓени приказ(н)и” од проф.д-р Тони Васиќ, јави дописникот на МИА.
Изложбата ја отвори амбасадорката Јадранка Чаушевска-Димов, која не го криеше задоволството што по прв пат од почетокот на пандемијата со Ковид-19, амбасадата е повторно домаќин на еден културен настан. Таа притоа во присуство на бројни и видни гости, како и припадници на дипломатскиот кор, изрази багодарност до уметникот, Тони Васиќ, кој преставува дел од своите дела цртежи насловени „Омеѓени приказ(н)и”.
Тој го избра глуварчето како далечен мотив на оваа серија цртежи. И како што самиот вели, сите глуварчиња се нацртани, насликани, од белината на хартијата и тие ја претставуваат и вештината за превртување, пофалбата на имагинацијата и одата за радост.
Според академик Мадам Ќулафкова, „глуварчињата на Тони Васиќ се стремат да бидат телесни, да бидат во просторот и времето, дури и за кратко време; иако е кревка, променлива и минлива состојба, се стреми да биде. Тони Васиќ ги врамува нејзините „линии и ленти” на свој единствен начин во овие уметнички нарации каде имагинарните линии на глуварчињата се педантни, а нејзината „едноставна и сложена” форма се трансформира во совршено нацртани уметнички дела. И додека трае, глуварчето е разиграно, не шармира. Дури и кревки, тој успева да не утеши со својата благост. Тој не потсетува дека убавината, таа магија, дека радоста на животот може да трае кратко, но, поистоветувајќи се со него, дури и за кратко време, можеме да ја почувствуваме таа чиста убавина, таа леснотија што честопати ни е потребна за да избегаме!”
Отворањето на изложбата беше придружено со кратко музичко „бегство” благодарение на соработката помеѓу Општинскиот Конзерваториум на Ливри-Гарган чија директорка Елена Стојчевска презеде иницијатива да развие образовен и уметнички проект за соработка помеѓу конзерваториумот на Ливри-Гарган и учениците на музичкото училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” и ЗМП Полихимнија од Скопје. Учениците од Скопје требаше да им се придружат на студентите од Ливри за оваа интервенција, но нивното патување беше откажано во последен момент поради здравствената состојба.