Српско – косовското прашање се третира со дијалог којшто го води ЕУ, а го поддржува Америка и Вашингтон целосно ги потврдува целите на овој дијалог, изјави американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар, во видео разговор во рамки на Самитот за Западен Балкан на „Економист”, што се одржува во Скопје.
-Ние сметаме дека политичката енергија треба тука да се фокусира. Не на две паралелни патеки или на други типови на билатерални или мултилатерални ангажмани, туку на овој билатерален механизам на дијалог воспоставен од ЕУ и Лајчек, кој има доста амбициозен план којшто целосно го поддржуваме, подвлече Ескобар.
Прашан дали гледа проблем во однос на тоа што Србија останува надвор од НАТО и дали има шанса за значителни промени за следните неколку години по прашањето помеѓу Косово и Србија, вели, не сакам да насликам розова слика за регионот, но сакам да кажам дека тука има можности чии што бенефити се поголеми од ризиците.
-Надворешната политика на Србија е и политика на воена неутралност и ние тоа го почитуваме. Но јасно е дека и српскиот претседател и Владата официјално тврдат дека ориентацијата им е европска, тие се кандидати за влез во ЕУ. Прашање е колку брзо ги спроведуваат реформите и какви пораки примаат и тие исто така. Но фактички Србија е европска и таа беше со сојузниците во изминатите две светски војни и беше многу од помош во текот на студената војна. И е одличен партнер во различните полициски активности во насока на спречување на корупцијата. Така што јас не гледам проблем дека тие сакаат да останат воено неутрални, посочи Ескобар.