Димитриевски: Ние ќе бидеме фактор за креирње на власта, очекувам апсолутна поддршка од граѓаните на следните избори

„Се зависно колкава доверба од граѓаните ќе се добие, јас очекувам дека ние ќе ја добиеме апсолутната поддршка од граѓаните и на следните избори ние ќе бидеме фактор за креирање на власта и ќе разговараме со нашите потенцијални партнери кој тоа ќе ги следи нашите програмски определби. Политиката е разговор и дијалог, но верувајте ми најодговорно тврдам ниту во еден момент нема да разговараме со луѓе кои имаат зад себе опашки и коишто правеле зло на македонскиот народ и граѓаните на Македонија”. Ова го порача градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Макфакс.

Димитриевски истакна дека никогаш не се борел за ваква власт, туку за власт која ќе биде блиску до граѓаните и ќе ги слуша нивните пораки.

„Оваа власт за жал е однародена, не ги слуша пораките, само гледа начин да изнајде модел за да узурпира што поголем на невладини здруженија, организации. Тоа се случува со Здружението на пензионери во Куманово. Се собрала една елита којашто е многу блиска до власт и на секој начин бара да го оцрни здружението коешто е едно од најдобрите во државата, се со цел да го стават во сопствена контрола. И океј ќе го стават, ќе ги искористат позициите, бидејќи ако имате вие родители на министри, носители на високи функции никој не сака од обичните луѓе да се соочува и конфронтира со авторитети што ќе се случи потоа, ќе згасне, ќе таргетира тоа здружение кое претходно имало исклучително добри резултати. Е тоа ни се случува, да се стави во секој сегмент, контрола и во системот на контролиран број гласачи да се обезбеди поддршката за следната власт. Па тоа е системот на Груевски. Ние тој систем го имаме осетено на кожа, треба да му ставиме крај, треба да се бориме против тоа”, рече Димитриевски.

Тој дополни дека сите овие организации коишто веќе ги формирале, а всушност се граѓански здруженија ќе имаат една заедничка иницијатива до крајот на годината да формираат едно заедничко движење со седиште во Скопје коешто понатаму ќе се легитимира пред граѓаните.

Тој информираше дека името на движењето ќе го прифатат така како што сака членството, иницијативите за градење на политичките платформи и програмите ќе бидат всушност идеи од граѓаните и луѓето што професионално се занимаваат со тоа.

„Во делот на националните политики ќе бидеме едноставно луѓе коишто си го бранат своето, нема да го чепкаат туѓото. Значи, ќе биде мултиетничко движење, не само на Македонците, туку сите кои ја сакаат и почитуваат Македонија и заеднички ќе изнајдеме начин како од Македонија да направиме поубаво место за живеење, но не како празна флоскула, туку да ја направиме самоодржлива, да произведеме доволно храна, доволно енергија да не влегуваме во вакви кризи. Да им ставиме крај на тие што тргнуваат со енергијата и прават профит во овие моменти на нас. Да се изгради националното битие во целост, да ги седнеме сите на една маса и да потпишеме еден документ кајшто ќе се знаат националните, македонските црвени линии, но и ќе почнеме реално да работиме на концептот не само на едно општество за сите, туку мултуетничко општество”, рече Димитриевски.

Во однос на ситуацијата со Бугарија, тој потенцираше дека проблемот што доаѓа од Бугарија е едностран.

„Проблемот којшто доаѓа од Бугарија е едностран. Кога ќе направите анализа дали денеска по историското потпишување на Договорот за добрососедство и пријателство, односите помеѓу двете држави е подобар? Сите ќе кажат не. Тоа што Жељу Желев и Киро Глигоров го изградија врз база на взаемна комуникација, разбирање, почитување, овој договор во целост го сруши. Тоа покажува дека всушност договорот за добрососедство и пријателство првично е погрешна работа, а потоа избрзана, затоа што текстот којшто е ставен внатре не е обработен до крај. Зошто еден меѓудржавен договор би се чувал во тајност од јавноста? Јас 2017 година бев пратеник пред да станам градоначалник на Куманово, не знаев ништо за овој договор. 2018-та година се внесе во Собрание да се гласа, јавноста не знаеше како таа политичка елита ќе не води, ако не ни кажува што потпишува и како потпишува. Овој договор е штетен, а францускиот којшто всушност е резултат на тврдите ставови на едностраните, Бугарија којашто е земја членка на Европската Унија, а апсолутно нешто што многу штети на долгорочен план на државата, затоа што ние со францускиот предлог еден билатерален проблем којшто го имаме „јас и вие” парафразирам го трансформираме во мултилатерален проблем”, изјави Димитриевски.

Во интервјуто за Макфакс, тој посочи дека најголемиот сојузник на оваа држава се Соединетите Американски Држави, и единствено со нив имаме потпишано стратешки договор за стратешко партнерство, со другите држави нема таков договор.

„Нивниот помошен државен секретар излезе на самиот почеток на процесот со францускиот предлог и јасно рече „ова е билатерален проблем, државите треба да го решаваат спогодбено меѓусебе, Македонија треба да стане полноправна членка на Европската Унија. Европа ќе си најде начин ваквите феномени коишто се раѓаат во нејзините редови да си ги превенира, бидејќи ова денеска што се случува со Македонија утре ќе се случува и со Србија, задутре и со Црна Гора, еден ден и со Босна и Херцеговина, и со многу држави членки кои сакаат да бидат потенцијални членки на Европската Унија. И Украина природно припаѓа на Европската Унија каде еден ден ќе биде држава членка, значи Европа ќе си изнајде механизам наместо со француски предлози по принципот поголемиот да го скрши помалиот, да изнајде начин да се држи до вистинските европски вредности на Жан Моне и да ги штити правата на малцинствата и помалите држави во однос на големите, бидејќи токму оваа Унија и се создадена во духот на Моне за да овозможи заштита на малите етнички заедници и малите нации, тоа е вредноста на Европа, затоа сакаме да бидеме таму”, додаде Димитриевки.

Треба да знаете
Последни објави