Баерн пресилен за Меси и Мбапе, ПСЖ трета година по ред испаѓа од ЛШ на стартот на елиминациите

Скапиот и ѕвезден тим на Пари Сен Жермен за кој играат двајца од тројцата најдобри фудбалери на светот, е во аут уште по осминафиналето од Лигата на шампионите.

Трета година по ред, прескапиот ѕвезден тим на Пари Сен Жермен ја завршува европската авантура уште на стартот на елиминациите, во осминафиналето, после вечерашниот втор пораз од Баерн Минхен со 0-2 за вкупни 0-3 од Баварците и веројатно најава за смена на кормилото со отказ за тренерот Кристоф Галтие во следниот период.

Ако во Париз, Кингсли Коман им пресуди на „светците“ за триумф на Баерн со 1-0, на ист начин како во финалето во Лисабон во 2020 година за последната европска титула на Баерн, вечерва втор екс-фудбалер на парижаните, Ерик Максим Чупо Мотинг реши сѐ после еден час игра на „Алијанц Арена“, а Серж Гнабри минута пред крајот само стави печат на победата.

Чупо Мотинг искористи асистенција на Леон Горецка за рутински да погоди во мрежата после пресингот и загубената топка на Марко Верати на работ на шеснаесетникот, откако ПСЖ слична ситуација во првиот дел не искористи преку Витиња после големата глупост на Јан Зомер, но Матијс Де Лихт со лизгачки старт спаси погодок на гол-линијата.

После примениот гол ПСЖ не се снајде за да се врати во мечот, двете најголеми шанси ги имаше стоперот Серхио Рамос, па на крајот кова сѐ веќе беше извесно, Гнабри само ја обезбеди победата и пласманот.

 

Треба да знаете
Последни објави