Претседателот на СДСМ Зоран Заев, за Канал 5 телевизија изрази задоволство од големата поддршка што ја добива СДСМ и Коалицијата на терен и од народот, што ќе значи јасно определување, правец во кој ќе се движат општините уште во првиот круг.
„Јас дадов една моја прогноза, тоа се 22 општини завршени во првиот круг за СДСМ и Коалицијата и 6 општини на ВМРО-ДПМНЕ завршени во првиот круг, а секако во останатите општини каде имаме натпревар, ние имаме 69 кандидати за градоначалници и листи во сите 80 општини плус градот Скопје ќе влеземе со видлива предност”, истакна Заев.
Тој нагласи дека ова дефинитивно ќе даде јасна определба каде одиме, дека задоволството од тоа што досега е сработено е видливо и граѓаните ја даваат својата поддршка да продолжи „Најдоброто” да се реализира во нашата земја.
Во врска со кампањата Заев рече дека најубавиот дел од неа се разговорите за проектите за решавање на конкретни проблеми во руралните или во урбаните средини, а СДСМ и Коалицијата навистина има една лепеза проекти , кои го менуваат секојдневието во самите општини, а најнеубавиот дел е негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ со негативна реторика.
„Се обидовме да дадеме одговори на одредени негативни аспекти од нивната кампања и мислам дека тоа ни е должност, како на владејачка структура, но дефинитивно останува нивната безидејност, тие се без проекти, не слушнавме еден конкретен проект, типично нешто за Скопје, Битола, Куманово за било кој од градовите во државата и тоа ќе остане забележано”, порача во разговорот за Канал 5 телевизија претседателот на СДСМ Зоран Заев.