На почетокот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори во Бугарија што се закажани на 14 ноември, најголем рејтинг има партијата ГЕРБ, покажуваат резултатите од анкетата на „Сова Харис”. Според анкетата шест или седум партии и коалиции ќе освојат пратенички места. За ГЕРБ се изјасниле 24,2 проценти од испитаниците, 19,1 отсто од анкетираните изјавиле дека ќе гласаат за Бугарската социјалистичка партија. Коалицијата Ја продолжуваме промената на двајцата поранешни министри од привремената влада Асен Василев и Кирил Петков, според анкетата би освоила 14,6 проценти од гласовите, додека партијата Има таков народ на Слави Трифонов би била трета или четврта партија со освоени 14,4 отсто од гласовите.
Според резултатите во идното Национално собрание ќе влезат и партиите Демократска Бугарија, Движењето за правата и слободите, а можно е свои пратеници да има и коалицијата Исправи се БГ! Доаѓме.
Анкетата покажува дека актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев има најголем рејтинг. За Радев, според резултатите, би гласале 49,7 отсто, за ректорот на Софискиот универзитет професор Атанас Герџиков – 20,4 проценти, за кандидатот на Движењето за права и слободи Мустафа Карадај пет отсто, а за кандидатот на Демократска Бугарија Лозан Панов 4,4 проценти.
Анкетата е нарачана од сајтот dir.bg., а беше реализирана од 5 до 12 октомври.