Чешкиот претседател Милош Земан во моментов не е во состојба да ги извршува своите должности, изјави денеска претседателот на Горниот дом на чешкиот Парламент, Милош Вистричил, откако го доби извештајот од болницата во која Земан се наоѓа на интензивна нега повеќе од една недела, а во време кога треба да се именува новиот премиер на земјата.
Претседателот на Сенатот денеска кажа дека најверојатно Земан нема да се врати на работа во наредните недели.
Затоа, парламентот треба да расправа за активирање на уставната клаузула што ги префрла претседателските должности врз други функционери, вклучувајќи го и назначувањето нов премиер по парламентарните избори оддржани на 8 и 9 октомври.
Ваквата одлука бара поддршка од двата дома на парламентот. Долниот дом треба да се состане за прв пат на 8 ноември.
Земан заврши во болница ден по изборите на кои неговиот сојузник, премиерот Андреј Бабиш, беше поразен од група опозициски партии.
Двете коалиции, Централно-десничарската „Заедно„ и Либералниот сојуз на Пиратската партија и Партијата на градоначалниците, освоија вкупно 108 во 200-члениот Долен дом на чешкиот Парламент, објавувајќи дека сакаат заедно да формираат влада.
Бабиш, милијардер и лидер на партијата АНО, која поединечно освои најмногу гласови, кон крајот на минатата недела изјави дека е подготвен да ја предаде власта.
Канцеларијата на Земан ги одбива повиците да обезбеди информации за состојбата на претседателот, поради што Вистричил директно ја контактираше болницата, која му одговори дури денеска.
-Според Централната воена болница, претседателот Милош Земан во моментов не е подготвен да ги извршува своите должности поради здравствени причини, јави претседателот на Сенатот.
Земан боледува од дијабетес, што ги оштетиле и неговите нерви, поради што почна да користи инвалидска количка.