Клубовите од англиската фудбалска Премиер лигата гласаа против можноста во следниот месец Њукасл да може да потпишува спонзорски договори. Клубовите го повлекоа овој потег на итен состанок во понеделникот, плашејќи се дека новите сопственици на „страчките“ од Саудиска Арабија би можеле да ги заобиколат правилата за финансиски фер-плеј.
Њукасл од неодмана е во рацете на саудискиот принц Мохамед бин Салман. Тој акциите на клубот ги купи за 300 милиони фунти преку својот државен инвестициски фонд, кој пак тежи неверојатни 300 милијарди долари. Њукасл моментално ги има најбогатите сопственици во светот на фудбалот, а премиерлигашките клубови преземаа чекори да се заштитат од нелојална конкуренција. Од вкупно 20 клубови, 18 изгласаа забрана Њукасл да биде спонзориран од компании кои се поврзани со државата Саудиска Арабија. Против оваа одлука беше Њукасл, а единствениот клуб кој беше воздржан е Манчестер сити. Токму „граѓаните“ се во слична ситуација бидејќи ги поседува шеикот Мансур, кој е член на кралското семејство на Абу Даби.
-Да не ја изгласавме оваа забрана, ништо немаше да го спречи Њукасл да потпише спонзорски договор од 100 милиони фунти на пример со некоја саудиска компанија. Тие пари ќе ги искористеа уште во јануари за нови фудбалери и ќе го заобиколеа финансискиот фер-плеј, изјавил еден висок функционер на премиерлигашки клуб.
Според правилата на Премиер лигата, клубовите имаат право да пријават загуба од 105 милиони фунти во период од три години. Прекумерните договори за маркетинг би можеле на вештачки начин да ги покажат приходите на клубот и со тоа клубовите ги заобиколуваат правилата и трошат повеќе отколку што им е дозволено.