Стотици демонстранти, предводени од вонпарламентарни политички лидери, протестираа денеска во Софија против одлуката „зелениот ковид-сертификат“ да стане задолжителен во Бугарија за влез на граѓаните во рестораните, театрите и трговските центри.
Демонстрантите од собирот на кој присуствуваа активисти на помалите националистички партии порачаа дека им се загрозуваат нивните слободи и дека тоа е начин да се воведе задолжителна вакцинација на „мала врата“. Протести се одржаа и во неколку други градови во Бугарија, пренесува Ројтерс.
Привременото министерство за здравство во вторникот ја објави мерката со цел да се забави растот на бројот на нови инфекции и смртни случаи во Бугарија, која е земја со најниска стапка на вакцинација против Ковид -19 во Европската унија.
Според новите правила, кои стапуваат на сила од утре (четврток), пристап до барови, спортски сали, хотели и други затворени јавни места ќе им биде дозволен само на лица кои имаат сертификат за вакцина, документ дека ја прележале болеста или имаат негативен тест.
Медицинскиот персонал, како и оние во домовите за стари лица, нема да можат да работат без овие сертификати, а исклучоци се предвидени за јавниот превоз, банките, аптеките и продавниците за храна.
Сепак, одлуката не беше одобрена од бизнисмените, но и од некои политичари на кои им претстојат третите парламентарни избори во земјата оваа година, закажани за 14 ноември.
Додека некои сопственици на ресторани, како и директори на хотели и театари, рекоа дека ќе ги бојкотираат мерките, стотици Бугари истрчаа истовремено во центрите за вакцинација за да обезбедат потврда.
И централно-десничарската партија ГЕРБ и социјалистите исто така го критикуваа зелениот сертификат, а тие, како и денешните демонстранти, повикаа на оставка од привремениот министер за здравство, назначен од претседателот Румен Радев, по неуспешниот обид за формирање влада по јулскиот избори.