Фокусот на кампањата ќе продолжи со ист интензитет, уште помотивиран сум и поотворен со граѓаните, кажа кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ, Христо Кондовски во гостувањето на ТВ24.
Според него водството пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ не е голем, односно 300-400 гласа и смета дека овие две недели се одлична можност за тој јаз уште понатаму да се зголемува.
-Ме изненади делот од црната кампања од опозицијата, драстични навреди кон мене, кон мојата личност, едни до вчерашни пријатели, другари, познаници, соработници. Очекувам поголема поддршка и мислам дека со гласовите на ДУИ како природна коалиција, правиме се, правиме средби со нивното членство, работиме доста пријателски, обединително, тие имаат член на совет сега, секако дека ќе работиме во иднина, кажа Кондовски.
Тој најави дека ќе продолжи со позитивната кампања и дека она што го добива како впечаток на граѓаните, како потреба и желба ќе го сработи, бидејќи тоа е само потврда дека целата програма е правена според барањата на граѓаните.
Кондовски додаде дека од аспект на излезеноста е потфрлено и граѓаните не излегле масовно на овие избори.
-Во делот на мојата кампања и во делот на мојата понуда јас се гордеам затоа што од едно непознато лице од реалниот сектор, од бизнис секторот за многу брзо време ги надминавме и самите гласови на партијата, тоа на крајот на денот е добро во еден дел, но не е добро тоа што се испорача во делот на партијата на СДСМ, добивме жолт картон како што вика премиерот Заев и сега ќе сработиме понатаму во тој дел, ќе ги слушнеме брзо граѓаните, кажа Кондовски.
Тој најави дека посветено ќе работи на проектите за младите, зелената агенда и ќе ја заврши гасификацијата на градот.